• петок, 17 мај 2024

Специјален Самит на ЕУ – во фокусот Блискиот Исток и единствениот европски пазар

Специјален Самит на ЕУ – во фокусот Блискиот Исток и единствениот европски пазар

Брисел, 17 април 2024 (МИА) - Најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, состојбите со економијата и конкурентноста на ЕУ, случувањата во Украина и односите на Унијата со Турција, ќе бидат темите на специјалното заседание на Европскиот совет, што ќе се одржи денеска и утре во Брисел. 

Главна тема на Специјалниот Совет на ЕУ требаше да бидат состојбите со конкурентноста и единствен европски пазар, но иранските напади со дронови и проектили врз Израел, како ургентна тема на оваа средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата го наметнаа најновиот развој на настаните на Блискиот Исток.  

Во пресрет на денешниот Самит, вчера се одржа и вонредно заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кое шефовите на дипломатиите на членките на Унијата ги повикаа сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност и да не дозволат регионот да западне во тотална војна.   

ЕУ уште веднаш ги осуди иранските напади врз Израел, оценувајќи ги како „невидена ескалација и закана за регионалната безбедност“.  

- Во оваа тензична регионална ситуација, ЕУ ги повикува сите страни да покажат најголема воздржаност и ја изразува својата целосна посветеност да придонесе за деескалација и за безбедноста на регионот. За таа цел, ЕУ е во контакт со сите страни, порача Унијата во реакцијата на нападите. 

Покрај за иранските напади, лидерите на ЕУ ќе разговараат и за случувањата во Газа по нападот на Хамас врз Израел лани во октомври, при што се очекува да го повторат својот став за итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот, како за безусловно ослободување на сите заложници и за обезбедување на достава на хуманитарна помош за цивилното население во Појасот. 

Расправата за состојбите на единствениот пазар и за конкурентноста и продуктивноста на ЕУ ќе се надоврзе на дебатата од самитите во март и јуни 2023 година, кога лидерите разговараа за начините за изгради робусна економија, која ќе обезбеди просперитет и повикаа на подготовка на амбициозен план со активности за зајакнување на европскиот пазар и за целосно искористување на неговиот потенцијал.  

Во тој контекст се очекува лидерите да разговараат и за зајакнување на европската економска, производствена, индустриска и техничка база, за можности за изградба на климатски неутрална, дигитална и циркуларна економија, за состојбите на пазарите на капитал, како и за развој на конкурентно, одржливо и флексибилно земјоделство. 

Пред лидерите, претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета треба да го претстави независниот експертски извештај за иднината на единствениот европски пазар. 

Според најавите, во документот ќе се препорача зајакнување на димензиите на единствениот пазар во делот на финансиските услуги, енергијата и електронските комуникации, при што ќе се напомене и дека „примарна причина за пад конкурентност“ е состојбата во телекомуникацискиот сектор во кој доминира „националниот фокус“ и затоа тој „мора да еволуира кон европска димензија“ со цел да биде конкурентен со компании од САД, Кина или Индија. 

Во извештајот на Лета понатаму се препорачува задржување на моделот на поврзаност меѓу големите и малите претпријатија, целосно почитување на европските принципи, цели и правила, како и создавање „централизиран орган на ЕУ одговорен за гарантирање на кохерентноста на правилата“ на единствениот пазар. 

Лидерите на Самитот ќе расправаат и за најновите случувања во Украина во контекст на интензивираните руски воздушни и ракетни напади врз украинските цивили и критична инфраструктура, а ќе одржат и стратешка дебата за односите ЕУ-Турција, врз основа на извештајот на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и на Европската комисија за состојбата на меѓусебните политички, економски и трговски односи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан