• четврток, 22 февруари 2024

Спасовски: Со беспрекорна организација на самитот на ОБСЕ, државата ќе ја претставиме во најдобро светло

Спасовски: Со беспрекорна организација на самитот на ОБСЕ, државата ќе ја претставиме во најдобро светло

Скопје, 26 ноември 2023 (МИА) - Самитот на ОБСЕ во Скопје, кој ќе се одржи следната недела, на 30 ноември и 1 декември е голем настан, бара многу посветеност, многу ангажман, многу работа заради тоа што безбедноста мора да биде на едно многу високо ниво. Настанот ќе се оджи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, се очекува да пристагнат околу 70 делегации на ОБСЕ коишто се предводени на највисоко ниво од министри за надворешни работи и луѓе коишто ќе бидат во тимовите. Ова вечерва го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој гостуваше во дневникот на МТВ на тема организација и безбедност на самитот на ОБСЕ.

- Некаде околу 1000 лица, претставници на делегации и партнери од ОБСЕ, од коишто 55 делегации ќе имаме од трет степен на безбедност и неколку делегации на пониско ниво, четврт и пониско ниво на безбедност. Сите активности заедно, нашиот Оддел за заштита на определени личности и објекти со сите други структури на Министерството за внатрешни работи, како и со владините институции коишто се вклучени во организацијата, се подготвени да ги пречекаме овие гости и самитот да се одвива на задоволително ниво за сите нас, потенцираше министерот Спасовски.

Спасовски, како што соопшти МВР, истакна дека ние како држава оваа година практично имаме чест да организираме два големи и важни настани - 50 јубилејна регионална Европска конференција на Интерпол што МВР имаше чест да ја организира во мај оваа година во Охрид и организацијата на самитот на ОБСЕ во Скопје.

На прашање колку МВР е подготвено да гарантира дека овој настан ќе помине во беспрекорен ред од безбедносен аспект, министерот Спасовски увери дека МВР е максимално подготвено и посветено да ја гарантира безбедноста на сите делегации, а воедно да го гарантира и нормалното функционирање на државата во овој период.

- Се што е потребно логистички е обезбедено, сите лица коишто учествуваат од страна на МВР им се направени посебни обуки за да се приспособат на овој настан и на потребите на настанот, така што, сме подготвени и ќе се реализира целосно планот којшто е подготвен за реализацијата на настанот. Вклучени се и вработени во Армијата. Тие ќе бидат вклучени во еден сегмент, којшто практично ќе помогне во транспортирањето на делегациите. Така што и од службата за Општи заеднички работи и други министерства... Носителот на активноста, Министерството за надворешни работи секако дека е тој што ги води овие активности и ги организира, така сите структури и сите институции мора да бидат во функција на добро организирање и одлична реализација на целиот настан, рече Спасовски.

Од аспект на слободното движење и извршување на секојдневните обврски на граѓаните во тие два дена, Спасовски појасни дека по владина одлука државната администрација на 29 ноември во Скопје ќе работи со скратено време, до 12 часот, а на 30 ноември нема да работи за да не се создаваат гужви.

-Граѓаните секако ќе имаат можност да се движат. Секако дека ќе има отежнато движење, посебно во Центар и во Карпош, таму каде што ќе се одржува целиот настан. Дел од улиците ќе бидат затворени. Се предвидува улиците по коишто ќе се движат делегациите, пред се улицата „Илинденска“ на потегот од Владата до Сити мол, како и „Осми Септември“ на потегот од Хубо маркет па се до „Партизански одреди“, но во зависност од потребите можат да се затворат и други улици во одредени интервали. Апелираме до граѓаните пред се на трпение и секако, да ги почитуваат наредбите коишто ќе ги издаваат службените лица, заради тоа што е добро за сите нас и е добро за безбедно одвивање на целиот овој настан. Нема да има целосно затворање за да не може да се движат граѓаните, туку во одредени интервали и покрај отежнатото движење ќе можат да си ги завршуваат и своите обврски, образложи Спасовски.

Министерот Спасовски апелираше до сите граѓани да ја искористиме оваа можност којашто ја има државата да се претстави во најдобро светло, што е во интерес на секој граѓанин и да покажеме дека навистина можеме сите заедно да бидеме гостопримливи со висок капацитет на одговорност. мд/

Фото: МВР

 

 
 

Остани поврзан