• сабота, 27 април 2024

Спасовски од Вашингтон: Овие неколку дена работевме за напредокот на Македонија

Спасовски од Вашингтон: Овие неколку дена работевме за напредокот на Македонија

Скопје, 13 јануари 2024 (МИА) - Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, Соединети Американски Држави, бил организиран прием по повод работниот престој на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, соопштија денеска од МВР.

Како што се наведува во соопштението, приемот бил организиран на барање на министерот Спасовски упатено до амбасадорот Зоран Попов, за да се сретне со македонската дијаспора која живее во САД.

Спасовски во своето обраќање пред присутните сонародници го истакнал значењето на оваа посета за јакнењето на врските помеѓу двете држави.

- Морам да кажам сите средби беа значајни, но оваа е најубава и најзначајна, бидејќи се гледаме на нашата територија и со наши луѓе. Секаде каде што одев во изминативе години посакував да се видам со нашите луѓе во дијаспората, да поразговараме да се запознаме да си пружиме поддршка едни со други, да ги јакнеме врските меѓу нас. Искрено до срце ви благодарам на сите што вечерва сте тука и што можеме заедно да се дружиме, рекол министерот Спасовски.

Тој изразил благодарност до амбасадорот Попов за супешната организација на оваа посета.

- Сакам да му се заблагодарам на амбасадорот, на целиот негов тим во Амбасадата за целосната организација на оваа посета што помина извонредно и многу успешно. Сметам дека сето ова што го работевме во овие неколку дена ќе биде многу значајно за Македонија и за напредокот на Македонија. И во тој дел посебно место имате сите вие кои работите овде и помагате за интересот на Македонија. На сите уште еднаш ви посакувам многу здравје, среќа и успеси, да бидеме единствени и заедно да се радуваме на личните, но и на заедничките успеси за државата, истакнал Спасовски.

Од страна на амбасадорот на Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави, Зоран Попов, било потенцирано дека ова е прва официјална посета на министер за внатрешни работи на САД.

- Баравме во архиви и кај нас и тука во Амбасада, чест и задоволство ми е да кажам дека ова е прва официјална посета на министер за внатрешни работи на Соединетите Американски Држави. Значењето е уште поголемо што посетата доаѓа на неполни две недели пред стапување на техничка Влада. Спасовски побара да ја види македонската дијаспора која живее на територија на Вашингтон и околните држави, Мериленд, Вирџинија, рекол амбасадорот Попов, заблагодарувајќи се на сите кои присуствувале на приемот во македонската Амбасада во Вашингтон. цр/ев/

Фото и видео: МВР

Остани поврзан