• понеделник, 25 ноември 2024

Спасовски: Не станува збор за политичка пресметка, во борбата против криминалот нема да биде поштеден никој

Спасовски: Не станува збор за политичка пресметка, во борбата против криминалот нема да биде поштеден никој

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) – Не станува збор за некаква политичка пресметка, изјави попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за истрагата покрената против 15 физички и три правни лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари. Меѓу приведените е и поранешниот заменик директор во дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје и член на ДУИ, Исмет Гури. 

– Апсолутно ниту може да стане збор за каква било политичка пресметка заради тоа што единствено нешто од кое што се води МВР и ЈО е да се бориме против криминалот и корупцијата. И борбата против криминалот и корупцијата не може во ниту еден момент да се заснова на каква било припадност на било кого – дали е тоа верска, национална, политичка или која било друга заради тоа што криминалот не познава вакви граници, а ние сме тука за да ги обезбедиме пред се средствата на граѓаните, изјави Спасовски за телевизија „Сител“. 

Според него, нема поголем престап од тоа да се злоупотребат буџетски средства што се собираат од данокот што го плаќаат граѓаните.

Од овој аспект, како што рече, апсолутно нема потреба, ниту можност да се навлегува во какви било квалификации дали се тоа политички или какви било други.

-Ова е предмет којшто уште еднаш ја покажува цврстата определба на МВР, на раководството за борбата против криминалот и корупцијата од која што нема да отстапиме и од која што нема да биде поштеден никој, без разлика кој е, што е, на каква позиција се наоѓа – дали бил близок со еден или со друг заради тоа што посилен не може никој да биде од Република Северна Македонија, нагласи Спасовски.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против 15 физички лица и три правни лица за неколку кривични дела - „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и „перење на пари и други приноси од казниво дело“.

Како што посочи Спасовски, се работи за финансиски криминал во кој се вклучени лица од УЈП, бизнисмени и сметководители чија цел била на нелегален начин да испумпаат пари од државниот буџет. Штетата направена на Буџетот е околу 840 илјади евра. Дел од овие финансиски средства, како што посочи Спасовски, биле искористени за купување на недвижнини. мд/бак/

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан