• недела, 22 декември 2024

Спасовски за МИА: МВР интензивно работи на пронаоѓање на исчезнатото девојче, апелирам да не се изнесуваат шпекулации за случајот

Спасовски за МИА: МВР интензивно работи на пронаоѓање на исчезнатото девојче, апелирам да не се изнесуваат шпекулации за случајот

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) - Министерството за внатрешни работи активно се вклучи во потрагата веднаш по добивањето на пријавата за изчезнувањето на девојчето од Скопје и на нејзино пронаоѓање интензивно работи посебен тим формиран од страна на СВР во Скопје, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА во Брисел во врска со случајот со исезнувањето на малолетната Вања Ѓорчевска.

- Синоќа до доцна во ноќта, практично до утринските часови, работеше целиот овој тим, предводен од началникот на СВР - Скопје. Извршени се низа на активности, проверки и земање на изјави, разговор со семејството, итн..., се со цел да дојдеме до некаква првична информација, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека МВР ќе ги преземе сите мерки и активности што се потребни, со цел да дојде до информација за да може да биде пронајдено девојчето. 

-Апелирам до граѓаните навистина да ги добиваат информациите од МВР и на тој начин најмногу ќе се помогне да ја постигнеме целта. Да не изнесуваме шпекулации во јавноста коишто дополнително може да ја подгреваат атмосферата, порача Спасовски, кој денеска во Брисел учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти во организација на Европската комисија.

Министерството за внатрешни работи претходно објави фотографија и опис за Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на државава.

-ЃОРЧЕВСКА ВАЊА, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје.Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’, пишува во објавата на МВР.

Од МВР истакнаа дека преземаат интензивни мерки и активности за пронаоѓање на Ѓорчевска откако вчера во 08:35 часот нејзината мајка пријавила дека се сомнева дека е исчезната. сп/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан