• петок, 19 април 2024

СПАК поднесе кривична пријава против поранешниот министер за одбрана Фатмир Медиу за случајот „Грдец“

СПАК поднесе кривична пријава против поранешниот министер за одбрана Фатмир Медиу за случајот „Грдец“

Дебар, 8 февруари 2023 (МИА) - Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, по опсежната истрага, денеска поднесе кривична пријава против поранешниот албански министер за одбрана и лидер на Републиканската партија, Фатмир Медиу, за злоупотреба на службената должност во врска со трагедијата што се случи во Грдец, во близина на Тирана пред 15 години.

Медиу е обвинет од СПАК дека во соработка со други функционери на Министерството за одбрана, како и лица кои командувале со воен персонал, донел повеќе подзаконски акти спротивни на законот.

-Во обвинението на СПАК се наведува дека Медиу се товари дека во врска со процесот на демилитаризација и демонтирање муниција што се одвивал во просториите на поранешна „тенковска бригада“, во село Грдец, општина Вора, во соработка со други службени лица од Министерството за одбраната како и лица од армијата, донеле повеќе подзаконски акти спротивно на законот. На тој начин наштетил на државните интереси и ги фаворизирал двете компании „САЦ“ и „Албадемил“, јави Топ чанел.

Во текот на истрагата на оваа кривична постапка биле извршени и натамошни дејствија во врска со постапката за продажба на воена муниција од страна на Министерството за одбрана и компанијата „МЕИКО“ на странските компании „Евдин“ дооел, со седиште во Кипар и „AEY“, со седиште во Флорида.

Овој потег на СПАК дојде откако Специјалниот апелациски суд на 24 септември 2021 година го врати досието „Грдец“ на истрага во  оваа институција.

-Медиу е еден од осомничените за злоупотреба на службената должност за инцидентот во 2008 година кога не само Албанија, туку и регионот, беа шокирани од експлозијата во воениот магацин за демонтирање на муниција. Во врска со овој случај на распит во СПАК беше и Шкелзен Бериша, син на поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша, додава телевизијата.

Откако беше на распит во СПАК, на 10 јануари, Медиу, изјави дека мотивот е политички, додавајќи дека е невин, бидејќи, според него, „министерска наредба не ја предизвикала трагедијата“.

Додаде дека немал никаков контакт со американската фирма која се занимавала со демонтирање на муниција и дека е подготвен да одговори за секој документ што го потпишал.

- Кристално јасно е дека немам сознанија, ниту знам кој потпишал. Ако го најдат мојот потпис на кој било документ во врска со ова прашање, јас ја преземам целата одговорност. Не сум имал никаков контакт со американската компанија која се занимавала со демонтирање, изјави тој.

На 15 март 2008 година на пладне, како последица на силна експлозија во погонот, животот го загубија 26 лица кои работеа таму, меѓу кои и деца, а многу повеќе беа повредени. Покрај жртвите, експлозијата уништи и стотици индивидуални и деловни објекти. вт/сд/

Остани поврзан