• петок, 22 ноември 2024

Со премиерни изведби на „Херои 4:33“ завршува 45. МОТ

Со премиерни изведби на „Херои 4:33“ завршува 45. МОТ
Скопје, 5 декември 2020 (МИА) - Со премиерните изведби на „Херои 4:33“ на Деан Дамјановски вечер и утре завршува 45-тото издание на Младиот отворен театар (МОТ). Премиерно на МОТ „Херои 4:33“ е галериска театарска инсталација, мултимедијален перформанс изведен од тeатар „Ј. Хаџи-Константинов“ - Велес. Три простории, три инсталации, три сцени. Во секоја од трите по еден гледач. Секоја трае 4:33, колку што трае композицијата на Џон Кејџ. - Проектот „Херои 4:33“ всушност е своевидно продолжение на еден друг проект „Тој и Таа“ кој го работевме со Велешкиот театар ова лето и кој беше фокусиран на користењето на интернет технологијата во театарот. Проектот се состоеше од 12 интернет епизоди од материјали снимени од актерите, дома и потоа монтирани – сето тоа без никаква физичка интеракција меѓу учесниците, односно, без „физичко присуство“. Токму овој концепт за „присуство/отсуство“ кој е заложен во основата на театарот како медиум е основата за оваа театарска инсталација наречена „Херои 4:33“, истакнува Дамјановски. - Истражувањето на врската на „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум се изведува преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути, посочуваат од МКЦ.фф/скс/

Остани поврзан