• недела, 22 декември 2024

Претставата „Земја на штркови“ во режија на Роберт Ристов во Свети Николе

Претставата „Земја на штркови“  во режија на Роберт Ристов во Свети Николе

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Претставата „Земја на штркови“ во режија на Роберт Ристов вечер премиерно ќе биде изведена во Домот на култура „Крсте Мисирков“ во Свети Николе. Работена е по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а Роберт Ристов се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на претставата.

- „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде - тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!, информираат од Театар Провокација – Скопје.

Во претставата играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски. Продукцијата е на Театар Провокација – Скопје. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски. Вокал е Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука.

Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании и медиумски покровители.

„Земја на штркови“ на 18 овој месец беше изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Следните изведби на претставата се на 26 ноември 2024 година во Пробиштип,  на 6 декември во Велес, на 10 декември вторпат ќе биде изведена во Охрид. Скопската премиера ќе биде на 11 декември 2024 година во Младинскиот културен центар (МКЦ). мд/са/

Фото: Театар Провокација – Скопје

Остани поврзан