• петок, 22 ноември 2024

Со посетата на Градежниот факултет во Скопје, министерот Шаќири ја започна агендата за посети на високообразовните и научни установи

Со посетата на Градежниот факултет во Скопје, министерот Шаќири ја започна агендата за посети на високообразовните и научни установи

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска го посети Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во изминатиот период со средства од Министерството за образование и наука модернизирани се лабораториските услови за реализација на научно – истражувачки проекти, со што ја започна агендата за посета на сите високообразовни и научни установи на кои во изминатиот период од две години МОН им доделени средства за опрема.

 - Со денешната посета на Градежниот факултет ја започнавме агендата за посета на сите високообразовни и научни установи на кои во изминатиот период од две години преку МОН им се доделени средства  за модернизација на лабораторските ресурси, односно за обезбедување на современа опрема во рамките на лабораториите каде спроведуваат истражувања, научни проекти, реализираат практична обука за студентите, истакна министерот.

Тој додаде дека идејата на посетите е да ја увидат искористеноста на новите набавени ресурси, користа кои тие ја обезбедуваат и да продискутираат со раководствата и кадарот на високообразовните установи околу сето тоа што е нивна тековна потреба со цел заеднички да го дефинираат правецот на делување во иднина од аспект на обезбедување поддршка и помош.

 - Оваа високообразовна установа доби некаде околу пет милиони денари со кои се обновија две лаборатории во кои согласно информациите кои ми беа презентирани веќе се реализирани неколку позначајни анализи и истражувања, и тоа особено ме радува затоа што потврдува дека идејата на МОН која ја реализиравме за првпат после десеттина години дава ефект, нагласи Шаќири.

На новинарско прашање во врска со поплаките од страна на академската фела дека малку пари се издвојуваат за научноистражувачка дејност, министерот одговори дека успешната приказна на МОН започнува со обновата на овие лаборатории за кои после подолг период се одвоени финансии.

 - Министерството за образование и наука распредели над 240 милиони денари со кои ја поддржа работата на научно – истражувачките работници и го стимулира развојот на науката. Со овие средства се модернизираа условите во повеќе лаборатории на високообразовните и научните установи, се акредитираа нови методи за работа, а воедно и се финансираа 7 проекти од посебен јавен интерес на седумте јавни научни установи во државата, рече Шаќири.

Тој порача Владата да доставува амандмани за делот од буџетот наменет за истражувањето во науката, но исто така побара и од високообразовните установи во сопствените средства да остават дел за истражување за наука.

Деканот на Градежен факултет, Горан Марковски, истакна дека големо задоволство е што располагаат со најсовремена опрема.

 - Посовремени лаборатории значи поголема видливост на градежниот факултет, поголема конкурентност за учество во научноистражувачки проекти заедно со партнери од поразвиените земји и секако поголеми можности за конкретна соработка на реалните проекти кои што се изведуваат во нашата држава. Оттаму нашето големо задоволство што имаме веќе на располагање ваква најсовремена опрема. За нас е најбитно, преку ваквите проекти, преку ваквите современи инструменти да го привлечеме вниманието на младите луѓе во државата и да го зголемиме интересот за студирање на оваа благородна струка без која државата не може да постои, истакна деканот и додаде дека моментално има огромен и загрижувачки пад на интересот за студирање градежништво.

 - Се надеваме дека на овој начин, со вложување во развој и со подобрување на узловите за работа и студирање ќе придонесеме и во тоа поле, нагласи Марковски.

На новинарско прашање дали со новата опрема факултетот ќе соработува со Владата во изградбата на Коридорите 8 и 10 Д, тој одговори дека тие се постојано вклучени во сите инфраструктурни проекти во државата уште од основањето на факултетот и дека голем дел од оваа опрема ќе најде свое место и своја примена и при реализација на овие инфраструктури проекти.

Професорот Јосиф Јосифовски ос Катедрата за геотехника при Градежниот факултет им се заблагодари на Министерството за образование и наука и на министерот за поддршката за набавката на лабораториската опрема која, како што кажа, практично ги зголеми капацитетите на факултетот, го направи конкурентен и со неа можат да настапуваат на значајни европски проекти.

 - Во програмата учествуваа вкупно осум истражувачи. Износот е 3,7 милиони денари за коишто сме благодарни. Во самиот проект ангажиравме повеќе соработници. Работевме заедно со стопанството на испитувања коишто подразбираа одредени теренски испитувања на објекти коишто во моментот во нашата држава се градат и некои други научни испитувања од коишто произлегоа голем број на научноистражувачки трудови, магистерски и докторски работи, нагласи тој.

Јосифовски појасни дека набавени се две опреми, едната е лабораториска опрема со која се дигитализира лабораторијата и сите мерни уреди што ги има, втората е наменски за одредени теренски испитувања, за истражувања на интеракцијата помеѓу конструкцијата и тлото. За прв пат се воведени нови динамички методи на испитувања кои ги има само во нашата земја од земјите во регионот.

 - Во план е и веќе се реализира научен проект во рамките на Хоризонт Европа, проектите од Европска унија, така што сме сигурни дека опремата ќе најде соодветна примена и дека многу млади луѓе и кадри ќе успеат да се надградат и образуваат користејќи ја оваа опрема, нагласи Јосифовски.

Професорката Тодорка Самарџиовска од Катедрата за механика и материјали истакна дека овој проект е еден од помалите проекти којшто припаѓаше на линијата два, со комплетно финансирање на Министерството за образование и наука при што се доопреми лабораторијата за градежна физика, хемија и изолациони материјали, односно опремата за теренско и лабораториско мерење на звучна изолациона моќ на различни видови на преградни ѕидови, фасадни ѕидови, меѓукатни конструкции, како и топлинска изолациона моќ на различни видови материјали.

 - Со овој проект овозможивме и да се прошири дејноста, да се прошири соработката со стопанството, со фирмите. Веќе реализиравме неколку проекти со помош на новата опрема. Набавивме и софтвер којшто служи за паралелно нумеричко моделирање на проблемите коишто го опфаќаат топлинскиот и звучниот комфор во објектите, истакна таа.

Како што појасни, на проектот учествуваа осум учесници кои се членови на Катедрата за механика и материјали, а од него произлегоа пет труда во научноистражувачки списанија и шест труда на научноистражувачки конференции. сан/са/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан