• петок, 22 ноември 2024

Со писмена изјава до КОРЕПЕР Грција го поставила случајот со Белерис предуслов за ЕУ интеграцијата на Албанија

Со писмена изјава до КОРЕПЕР Грција го поставила случајот со Белерис предуслов за ЕУ интеграцијата на Албанија

Атина, 29 ноември 2023 (МИА) – Преку писмена изјава доставена на седницата на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), Грција бара Албанија да преземе конкретни мерки за Фреди Белерис да положи свечена заклетва како градоначалник, а во спротивно „нема да може да се согласи за следните фази од процесот на пристапување“, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации во писмената изјава пишува дека Грција бара и заклетва на Белерис како градоначалник на Химара и да се почитува неговото право на правично судење и презумпцијата на невиност.

Весникот „Катимерини“ коментира дека „Атина го заострува својот став во однос на предусловите за интеграција на Албанија во Европската унија и случајот со Белерис“ и дека во писмото е наведено дека отсега Грција, ќе смета дека интеграцијата на Албанија во ЕУ е поврзана со ставот на Тирана во конкретниот случај, „што грчката страна го смета како доказ за прекршување на условите што треба да ги исполни една држава кандидат за членство“.

„Катимерини“ пишува дека Атина била под силен притисок и од Германија и од шпанското претседателство да го промени својот став, но добро упатени извори, објасниле дека „Грција нема намера да отстапи, бидејќи тврди дека седуммесечната забрана за Белерис да положи заклетва како градоначалник на Химара е директно кршење на владеењето на правото, како што е опишано во европските договори и европското законодавство“.ср/сд/

Остани поврзан