• петок, 28 јуни 2024

Со концерт на „Camerata Academica“ од Словенија завршува 44. издание на „Скопско лето“

Со концерт на „Camerata Academica“ од Словенија завршува 44. издание на „Скопско лето“

Скопје, 25 јули 2023 (МИА) - Уште четири настани се на програмата на  44. издание на фестивалот „Скопско лето“. Фестивалот завршува на 31 јули, кога ансамблот „Camerata Academica“ од Словенија ќе има концерт пред платото на Музејот на македонска борба со почеток од 20:30 часот.

Ансамблот е составен од шест члена: Каролина Шантел Зупан на флејта, Матеј Шарц на обоа, Јоже Котар на кларинет, Јоже Шопар на англиски рог, Миха Рогина на саксофон и Македонецот Зоран Митев на фагот. 

Како што информира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, вечер со почеток од 20: 30 часот во Галеријата „Остен“ ќе биде отворена изложба на карикатуристи од Израел насловена „2Kац“. Поводот за оваа изложба е 55 години јубилеј на Светската галерија на карикатури „Остен“.

Концептот на изложбата „2Kац“ е двогледност – две визии на иста тема, два изрази на двајца уметници, еден постар и еден млад, татко и син. Нивните дела се претставени во тематски парови, давајќи секој пат драматичен конфликт на целината. Посетителите можат да се восхитуваат на делата преку „двогледни спектакли“.

Таткото Григори Кац и синот Илја се родени во Киргистан, соодветно во 1948 и 1972 година. Двајцата уметници живеат во Израел од 1992 година.

В петок, на 28 јули во Сули ан ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“. Диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а како солист ќе настапи Марија Ташевска – сопран.

Овој концерт на МММ е во знак на одбележување на нивниот 60-годишен јубилеј кој се поклопува со 60-годишнината од скопскиот земјотрес.

Последната изложба во рамки на фестивалот ќе се отвори в сабота, на 29 јули во Сули ан. Изложбата на слики е на Јулија Петровска и е насловена како „Алиса во Апсурдистан“. мд/дма/

Фото: Дирекција за култура и уметност на Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан