• петок, 20 декември 2024

Со импресивен огномет дочекана новата година во Атина (фото)

Со импресивен огномет дочекана новата година во Атина (фото)
Атина, 1 јануари 2021 (МИА) – За време на полициски час, со празни улици, со забрани за собири и организирани дочеци и под драконски безбедносни мерки, но со големи огномети, помина новогодишната ноќ во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Поради карантинот и забраната за движење од 22 до 5 часот наутро, во Атина немаше организиран дочек на плоштад, а општината приреди изненадување со 15 минутно музичко шоу со видео проекции и со звуците од Симфонискиот оркестар и хорот на општина Атина, што во живо се пренесуваше на државната телевизија ЕРТ. Кусо пред полноќ, атинскиот градоначалник Костас Бакојанис, на граѓаните им ја честиташе новата година, посака во 2021 година сите да бидат здрави и победници и го започна одбројувањето. Со импресивен и огромен огномет, најголем досега, Атина ја испрати старата и ја дочека новата 2021 година. Исто како и за Велигден кога излегоа на терасите со свеќа во рака и Христовото раѓање го прославија дома, а „Христос Воскресе“ слушнаа на телевизија, така и сега, жителите на грчката престолнина, точно на полноќ повторно излегоа на нивните тераси за да го видат огнометот, одбројувањето го слушнаа од тв екраните, а со соседи си довикуваа и си ја честитаа новата година. За да се спречат било какви прекршувања на мерките за време на новогодишната ноќ, во цела Грција, ангажирани беа над 10.000 полицајци, од кои над 4.000 во Атина. Со одлука на Владата, црквите денеска се отворени за верниците, но под строги мерки за заштита од Ковид-19, а на утринската свечена литургија во Соборниот храм во Атина присуствуваа грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. ср/гт/

Остани поврзан