• недела, 22 декември 2024

Сојузот на општини и градови бара воведување горна граница за годишен прифат на бегалци во Германија

Сојузот на општини и градови бара воведување горна граница за годишен прифат на бегалци во Германија

Берлин, 18 септември 2023 (МИА) - Дебатата за исправната политика во врска со растечкиот број бегалци во Германија, која трае откако бројките покажаа нагло зголемување на барањата за азил, денеска продолжи со барањето на Сојузот на општини и градови за воведување годишна горна граница за бројот на бегалци. 

-Нешто мора да се направи, не само со зборови, туку и со дело. Натамошното игнорирање на ситуацијата ќе ја уништи стабилноста на нашата демократија, кажа претседателот на Асоцијацијата на германски градови и општини, Уве Брандл, реагирајќи на рапидно растечкиот број на бегалците кои пристигнуваат во Германија од почетокот на годинава.

Со овој чекор Асоцијацијата го поддржа баварскиот премиер Маркус Содер, кој, како и другите претставници на опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ, бара од федералната влада мерки за ограничување на илегалната имиграција.

Во интервју за неделното издание на дневниот весник „Билд“, Содер побара воведување на годишен лимит од 200.000 бегалци, што баварскиот политичар го поврза со капацитетите на земјата кога станува збор за интеграција.

-Веќе сме на границите на нашите можности кога станува збор за сместување бегалци и изградба на нови училишта и градинки. Затоа сега ни треба горна граница, која би ја нарекле граница за интеграција, рече Содер.

Тој предложи и ограничување на социјалните бенефиции и обврска за работа за сите баратели на азил.

Рајнхард Сагер, претседател на германскиот Сојуз на окрузи, административно ниво кое, заедно со градовите и општините, го има најголемиот товар за грижата за бегалците, исто така, повика на воведување ограничувања за имиграција.

-Не можеме повеќе да го постигнеме исполнувањето на нашите цели во однос на сместувањето и интеграцијата на бегалците, рече Сагер.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (Социјалдемократската партија на Германија СПД) го отфрли барањето за воведување горна граница на бројот на баратели на азил во Германија.

-Воведувањето на горна граница има смисла само на европско ниво, рече таа. 

Во борбата против илегалната имиграција потребно е да се интензивира борбата против шверцерите на луѓе, нагласува министерката која ја поддржа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и нејзиниот предлог за зголемен надзор на таканаречените медитерански маршрути.

Во Германија во првите шест месеци од годинава побарале азил над 220.000 лица, што е за 77 отсто зголемување во однос на истиот период лани.

Владејачката социјалдемократско-зелено-либерална влада веќе подолго време се спротивставува на барањето на градовите и општините да се воведе горна граница на бројот на бегалци. Истовремено, министерот Фезер се залага за подобра контрола на надворешните граници на европско ниво. сд/

Остани поврзан