• недела, 19 мај 2024

Соработниците на Трамп сметаат дека Бајден треба да има пристап до доверливите информации

Соработниците на Трамп сметаат дека Бајден треба да има пристап до доверливите информации
Вашингтон, 13 ноември 2020 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп одбива да му даде пристап на новоизбраниот претседател Џо Бајден до извештаите за разузнавање, дури и оние што ги добил за време на кампањата, додека се поголем број соработници го повикуват да му дозволи пристап до доверливи информации. Сенаторот од Тексас Џон Корнин, член на Комитетот за разузнавање на Сенатот, тврди дека нема оправдана причина да не му се дозволи пристап на Бајден до разузнавачките извештаи. Сенаторот од Ајова, Чарлс Грасли и претседателката на Правосудниот одбор на Сенатот, Линдзи Греам, една од најблиските соработнички на Трамп, сметаат дека на Бајден треба да му се овозможи пристап до доверливите информации. Сенаторот од Мисури, Џош Хоули смета дека Бајден треба да продолжи да ги прима извештаите што ги доби како кандидат на претседателските избори. Сенаторот Џејмс Ланкфорд рече дека двете страни треба да имаат пристап до информациите бидејќи сè уште не е познато кој ќе стане претседател на САД и дека процесот треба да продолжи заради националната безбедност. Републиканците во Сенатот сметаат дека Бајден треба да ги добива доверливите информации за националната безбедност, иако тие не ја признаваат победата на демократскиот кандидат на неодамнешните претседателски избори, повикувајќи се на наводите на Трамп за кражба на гласови. Директорот на американската Националната разузнавачка служба, Џон Ратклиф, лојален соработник на Трамп, тврди дека не може да започне разговори со тимот на Бајден се додека владата не го започне преодниот период. Сепак, администрацијата на Трамп го одложува овој потег. Ратклиф вели дека Националната служба, која надгледува над десетина разузнавачки служби на САД, мора да ја почитува процедурата која предвидува прво да биде прогласен победник на изборите, што Трамп го става под знак прашалник. Американските разузнавачки служби од 1952 година им овозможуваат на претседателските кандидати пристап до извештаите, освен за тајните операции, извори и методи. паг/

Остани поврзан