• сабота, 04 мај 2024

Современата и автономна македонска култура и уметност од денеска до недела во Солун

Современата и автономна македонска култура и уметност од денеска до недела во Солун

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Во солунскиот клуб и мулти-функционален културен простор Topikap во Солун во Грција, од денеска до недела, 8 октомври, ќе се одржи кино проекција и разговор, концерт на електронска музика, изложба на графики во сито печат и здружена радио емисија. Куратори и продуценти на овој проект се Николас Псатас и Ѓорѓи Јаневски, во партнерство со Topikap и Задруга 5060.

Настанот се одвива во рамките на едномесечниот резиденцијален и истражувачки престој во Солун, кој Ѓорѓи Јаневски го започна минатиот месец. Истиот е поддржан од програмата Culture Moves Europe, имплеметирана од Гете Институтот. 

-Се работи за мал исчекор кон развивање на континурана и органска културна соработка помеѓу двете соседни земји, заснована на принципите самоорганизација, солидарност и меѓусебно почитување, велат организаторите.

Според програмата, вечерва во Солун ќе се одржи проекција на документарниот филм „Ако никој не свири“ во режија на Ѓорѓи Јаневски, проследена со разговор со авторот.

„Ако никој не свири” од блиску ги следи турбулентните почетоци на скопскиот бенд Bernays Propaganda и секојдневните предизвици со кои се соочуваат за да го прават она за кое што живеат. 

Утре ќе се одржи концерт на електронска музика за танц на Александар Ордев и Максимилијан Сарајлија.

Во недела ќе се емитува четврта епизода од радио серијалот насловен „Скопје и Солун, музика и другарство“. Автори и водители се Ѓорѓи Јаневски и Николас Псатас. Емисијата ќе може да се проследи во живо.

Исто така, во недела ќе биде отворена и изложба на графики во сито печат „Буниште“ на Тома Димовски, во продукција на Партизанска штампа.

Изложбата ќе биде отворена до 13 октомври.бт/ев/




Остани поврзан