• сабота, 18 мај 2024

Советот на министри на БиХ го усвои составот на преговарачкиот тим за потпишување на договорот со Фронтекс

Советот на министри на БиХ го усвои составот на преговарачкиот тим за потпишување на договорот со Фронтекс

Бања Лука, 12 декември 2023 (МИА) - Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната седница го усвои составот на преговарачкиот тим и основата за водење преговори за потпишување на Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, по седницата на Советот на министри на БиХ во Сараево ,изјави дека усвојувањето на текстот на договорот за преговори со Фронтекс ќе ја подобри состојбата на безбедноста на БиХ.

„Ова покажува дека кога сакаме, можеме сè. Важно е Европа да не гледа на нас како безбедносна црна дупка, а овој договор е доказ дека се може да се реши во согласност со уставните надлежности на БиХ и ентитетите“, рече тој.

Според него, прашањето за колективната безбедност не смее да биде политичко прашање или полигон за препукување на партиите во БиХ. Тој рече дека му е драго што министрите во Советот на министри од Федерацијата БиХ „постапиле рационално и ја разбрале важноста на Фронтекс“.

Нешиќ рече и дека ова е чекор напред во борбата против организираниот криминал, како и илегалната миграција.

„Ова е наш сигнал до ЕУ дека Босна и Херцеговина е подготвена да биде дел од системот за колективна безбедност и не сака да биде оаза за криминалците. Важно е тоа да биде и порака до инвеститорите дека можат да сметаат на безбедноста на нивниот капитал“, рече тој.

БиХ е единствената земја во регионот која нема договор со Фронтекс, што подразбира дека полицајци од Европската унија можат да дојдат во БиХ и да помогнат во контролата на илегалната миграција.

Договорот со Фронтекс е еден од клучните предуслови поставени од Европската комисија за Босна и Херцеговина да ги отвори пристапните преговори со ЕУ во март.

Советот на министри на БиХ денеска го усвои текстот на договорот, според кој БиХ ќе даде согласност за постапките на припадниците на европската полиција „во согласност со овластувањата на различните нивоа на власта“.

Практично, тоа значи дека Граничната полиција на БиХ, за сите активности за заштита на делот од границата со територијата на Република Српска, што ги спроведува со припадниците на Фронтекс, би морала да бара и да добие согласност од МУП. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан