• понеделник, 23 декември 2024

Советот на ЕУ го усвои првиот закон за борба против насилство врз жените

Советот на ЕУ го усвои првиот закон за борба против насилство врз жените

Брисел, 7 мај 2024 (МИА) - Советот на ЕУ даде зелено светло за првиот закон на Европската Унија за борба против насилството врз жените и семејното насилство, за кој земјите-членки имаат рок од три години да го применат во националното законодавство.

Новиот закон бара од сите земји-членки на ЕУ да го криминализираат осакатувањето на женските гениталии, принудните бракови и кибер насилството, како што се споделување интимни фотографии без согласност, кибер следење, кибер вознемирување и кибер-поттикнување омраза или насилство, се наведува на веб-страницата на Советот на ЕУ.

Пол Ван Тигчелт, потпретседател на белгиската влада и министер за правда и за Северното Море, рече дека усвојувањето на овој закон е револуционерен момент во зајакнувањето на правата на жените.

„Вистинската еднаквост може да се случи само кога жените можат да живеат без страв дека ќе бидат малтретирани, насилно нападнати или физички повредени. Овој закон е важен чекор за да се случи тоа“, рече Тигчелт.

Директивата содржи и детални правила за мерките за помош и заштита што земјите-членки треба да ги обезбедат на жртвите и мерки за спречување на насилството врз жените и семејното насилство и поставува стандарди за заштита на жртвите на овие кривични дела.

Овој закон ќе гарантира, низ ЕУ, дека неговите сторители ќе бидат строго санкционирани и дека жртвите ќе ја добијат сета потребна поддршка. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан