• петок, 22 ноември 2024

Собраниска расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита

Собраниска расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита
Скопје, 6 април 2022(МИА) - Собранието попладнево ја почна расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита, по скратена постапка, во рамките на 68-та седница. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова рече дека со измените на законот не се опфатени група на граѓани за користење субвенции за електрична енергија, за месеците од април до септември, односно да користат право за субвенција на струја за цела година. - Бројката на граѓани кои немаат средства да ги платат сметките за електрична енергија, се повеќе расте, затоа што, во последните години беа отпуштени околу 55.000 лица и околу 6.500 фирми беа затворени. Се покачија цените на основните прехранбени производи, горивото, струјата, а стандардот на граѓаните опадна, рече Петкова. Таа истакна дека вчера протестираа родители на деца со посебни потреби, кои исто така ја чувствуваат енергетската криза. Петкова рече дека во иднина со законот треба да бидат опфатени и други категории на граѓани, како старите лица и лица со посебни потреби, кои сега не се опфатени со законот. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во реплика до Петкова објасни дека со Законот за неевидентирани лица во Матична книга на родени, всушност, овие лица имаат право да се евидентираат како вработени, но не и право да се евидентираат како невработени лица. - Исклучокот, кој се прави со измените, се прави со цел, овие лица да имаат можност да бидат вклучени во гарантирана минимална помош. Имајќи предвид дека се работи за една од најранливите категории на наши граѓани, кои немаат никакви приходи, а со Законот за неевидентирани лица во Матична книга на родени, беше овозможено овие лица да добијат пристап до права од социјална заштита, право на вработување и право на образование на нивните деца. Токму од овие причини за да ја заштитиме најранливата категорија на граѓани е овој исклучок во измените на законот за социјалната пензија. Всушност, се работи за надоместок за социјална сигурност на старите лица, рече Тренчевска. Таа потенцира дека како Влада и Министерство, ги имаат предвид сите ранливи категории на граѓани и со пакетот од 26 мерки кои беа донесени, беа опфатени дел од граѓаните. - Во процес сме на креирање на нови мерки, наменети за граѓани кои досега не беа опфатени со овие мерки, рече министерката за труд и социјална политика. Пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ во реплика истакна дека со измените на Законот за социјалната заштита, воведуваме дополнителни 1.000 денари помош за семејствата кои добиваат гарантирана минимална помош. - Семејствата кои се корисници на гарантираната минималната помош за следните три месеци ќе добијат по дополнителни 1.000 денари на своите сметки со цел да им се помогне полесно да ги надминат последиците од економската криза. Ова е дел од мерките, меѓу кои се и укинувањето на ДДВ за основните продукти, субвенционирање на сметките за електрична енергија, а преку кои го штитиме стандардот на граѓаните. Да не заборавиме и дека минималната плата веќе од овој месец изнесува 18.000 денари, посочи Шкријељ. Таа додаде дека борбата против сиромаштијата и невработеноста продолжува и преку Оперативниот план за вработување за 2022 година со буџет од 1,8 милијарди денари, односно 30 милиони евра. По ова, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и рече дека таа ќе биде дополнително закажана. ир/сп/

Остани поврзан