• недела, 22 декември 2024

Собранието ја почна 81-та седница, веднаш дадена едночасовна пауза

Собранието ја почна 81-та седница, веднаш дадена едночасовна пауза
Скопје, 14 јули 2022 (МИА) – Само што почна 81-вата седница, на која треба да се разгледа Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската унија на 30 јуни 2022 година, Собранието е на едночасовна пауза по барање на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ. Таа во процедурално барање истакна дека е исклучок да се прекинува пленарната седница за претресот на ребалансот, која вообичаен се одржува пет работни дена непрекинато, заради некоја друга седница, за која кажа дека треба да се донесе одлука што не е во надлежност на Собранието. -Ова е многу редок исклучок кога овие пет работни дена се прекинуваат за седница која нема апсолутно врска со одлука на Собранието. Вообичаен заклучоци се разгледуваат на комисија, па дури потоа доаѓаат на пленарна седница. Тоа е вообичаена пракса, а ова го правите само за да избегнете широка јавност и транспарентност на овој подмолен процес. Сакам да ви порачам дека ниту еден документ кој вие би го потпишале, изгласале, протнале нема да има легитимитет и важност се додека не го добие најбитниот потпис и најбитниот печат, а тоа е печатот и дозволата на македонскиот народ, рече Стојановска и го искина документот за кој рече дека е лажен и не е документ по кој денеска ќе расправа Собранието. Поради тие причини, нагласи, ќе побарам пауза која можеби ќе ве предомисли и ќе одлучите да го вратите овој, како што рече „ништовен, понижувачки и подмолен документ во Владата зашто се работи на меѓувладина конференција“. -Не треба Владата тука да го подметнува и вие како современи македонски администратори да давате изим на ваков криминал и на вакво предавство, им порача Стојановска на пратениците Претседателот на Собранието Талат Џафери оцени дека ова е најдемократската можност што може да се случи во законодавниот дом и додаде дека пратеничката бара пауза по погрешен член од Деловникот, но сепак даде едночасовна пауза по која треба да продолжи разгледувањето на единствената точка на дневен ред. вј/ац/

Остани поврзан