• сабота, 23 ноември 2024

Собранието расправаше за измени и дополнувања на Законот за квалитетот на воздухот, 30. седница продолжува утре

Собранието расправаше за измени и дополнувања на Законот за квалитетот на воздухот, 30. седница продолжува утре
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - По речиси четиричасовна попладневна расправа  30. собраниска седница, на која се расправаше за дополнување и изменување на предлог закони по скратена постапка, беше прекината поради полицискиот час кој почнува во 20 часот. Седницата продолжува утре во 12 часот. На седницата пратениците главно расправаа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, во прво читање. Образложувајќи го овој предлог-закон, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиевска, рече дека предложените измени и дополнувања се фокусираат на обврските и процедурите за усвојување на плановите за квалитет на воздухот и краткорочни акциски планови. Појасни дека се дефинирани и критериумите за соодветна подготовка, како и специифични мерки што можат да ги преземат општините и Владата. Надзорот, додаде, е зајакнат со давање на овластување на други инспекторати да го следат спроведувањето на ваквите мерки. Пропишананите процедури и мерки, како што рече, се рефлектирани од директивата 2008/50 на Европскиот парламент и на Советот од 21 мај 2008 година за кавалитетот на воздухот. Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашковска во однос на тоа дека општините кои имаат над 35 илјади жители имаат обврска да донесат план, праша дали МЖСПП има направено анализа која општина со каков кадар и капацитет располага, бидејќи, според неа, во земјава има општини каде одделенијата за животна средина немаат ниту еден вработен. Смета дека Министерството мора да направи анализа со каков кадар и потенцијал рапсолага општината и дали ќе може општината да го спроведе овој закон. Во врска со глобите, според неа, тие треба да бидат многу поголеми, а не да се намалуваат. На ова, заменик-министерката Оџаклиевска рече оти е точно дека единиците на локална самоуправа имаат ограничени капацитети и поради тоа, изминатата година таа покренала иницијатива да се направи анализа на општинско ниво за потенцијалот со кој располагаат општините за да можат да одговорат на потребите на граѓаните, но и на законските обврски. Таа иницијатива, како што рече, се надева за брзо време ќе помине на Влада. Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ во однос на целите во текстот на предлог-законот рече дека како финансиски средства се наведуваат нула денари за овој закон. -Значи МЖСПП со нула денари ќе го реши амбиенталниот воздух. Небулоза од невиден карактер. Без пари да го решите загадувањето во Скопје, Радовиш, Куманово, Тетово, Кавадарци. Како ќе го направите тоа? Кои се тие мерки и како без пари ќе ги спроведете?, праша Трајанов, додавајќи дека според науката, борбата против аерозагадувањето чини многу пари. Тој во неколку наврати рече дека во дел од членовите на овој предлог-закон стои зборот „може“, наместо „мора“. –Градоначалникот на Град Скопје во случај на надминување на праговите на загадување може на одредено и неодредено време да донесе мерки. Имаме енормно загадување и градоначалникот може да донесе мерки. А што ако не донесе? Зошто капитулирате пред овој сериозен проблем. Овде мора да стои мора. Кога е енормно загадувањето мора да спроведете мерки, рече Трајанов, посочувајќи дека мерките само ги тангираат граѓаните, а не и општините. Пратеничката Маја Морачанин нагласи дека го поддржува ова законско решение и додаде оти е убедена дека ќе придонесе за подобар квалитет на амбиенталниот воздух. Како важен сегмент од ова законско решение, наведе дека е воведување не само фиксни, туку и индикативни мерења на воздухот. - Драго ми е што уште во првиот член од законот се вели фиксни и инидкативни мерења. Тоа ќе оди во добар прилог на следење на состојбата. Важно е и дека поделени се одговорностите на единиците на локална самоуправа и на Владата. Дали треба Владата да ги преземе сите одговорности, мислам не затоа што ако одиме кон децентрализација и одгворност на општините, јас сум да се зголемат приходите на општините, но со тоа да расте и одговорноста. Не може да ги исклучиме воопшто, рече Морачанин, додавајќи дека нејзините амандмани во однос на ова законско решение ќе бидат во насока на ограничување на влијанието на бизнис секторот во учеството и одредувањето на тоа кои мерки ќе се преземат. Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека е добро што се носи ваков закон кој допрецизира или се доусогласува со директивата, но кажа дека казните се премали. На седницата пратениците расправаа и за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, по скратена постапка. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски апелираше за вразумување и реализација на петтиот пакет мерки што побргу. - Се надевам на изнаоѓање заедничко решение и што побргу откочување на овие средства. Трите закони поврзани со петтиот пакет мерки и еден од четвртиот пакет мерки побрзо да бидат поминати во собраниска процедура и да дојдат на пленарна седница, рече Мицевски. Напомена дека според податоците кои тој ги добил од Агенцијата за вработување, за само една година бројот на невработени лица е зголемен за 55 илјади граѓани. На дневен ред се најдоа повеќе предлог-закони за измени и дополнување по скратена постапка, меѓу кои Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за волонтерството, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог-закон за изменување на Законот за вработување на инвалидни лица, Предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија итн. Гласањето на законите дополнително ќе се изврши, поради недоволниот број пратеници за одлучување. мс/вј/    

Остани поврзан