• недела, 22 декември 2024

Собранието го донесе Законот за буџети

Собранието го донесе Законот за буџети
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 84. седница со 69 гласа „за“ го донесе Дополнетиот предлог на закон за буџети, во којшто се вградени амандманите прифатени на седница на Комисијата за финансирање и буџет одржана пред одморите на крајот на јули. Со овој закон се воспоставуваат нови фискални правила и принципи коишто ќе се применуваат во постапката за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија. Законот е усогласен со фискалните правила во ЕУ. Поставени се нови рокови за буџетскиот процес со што се поместува временската рамка за подготовка на буџетот, предвидени се одредби за управување и располагање со финансиски и нефинансиски средства на државата и општините, со цел подобро користење и располагање на средствата на државата, предвидени се општи одредби за управување со јавен долг и издавање гаранции, со утврдени процедури за задолжување за потребите на централната и локалната власт, како и издавањето гаранции. Со Законот се регулира и воспоставување Фискален совет, среднорочно буџетско планирање, управувањето со средствата на државата и општините, како и фискалната одговорност и основите за воспоставување на интегриран информационен систем за управување со јавните финансии. Фискалниот совет е независно тело, во кое ќе членуваат експерти од областа на јавните финансии, макроекономија или економија. Ќе го формира Собранието, а членовите ќе бидат предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка. Заменик министерот за финансии Филип Николоски рече дека современиот и модерен начин на управување на јавните финансии претпоставува и високо ниво на дигитализирани процеси, што треба да се имплементираат преку новиот систем на ИФМИС. -Преку овој систем ќе се обезбеди подобро спроведување на сите процеси, како и мониторинг и контрола на истите, вели Николоски. Притоа, како што потенцира, новиот Закон за буџети ќе овозможи подобрување во управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање и ќе обезбеди поголема контрола каде и на кој начин се трошат парите на граѓаните. Утврдените правила и принципи од новото законско решение, ќе се применуваат и при изготвување, донесување и извршување и на буџетите на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје. Законот беше поддржан и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а пратеникот Бојан Стојановски ги повика владејачките партии да соработуваат со опозицијата и да ја вклучат во изработка на законските решенија, особено сега кога сме во кризна состојба. Пратениците со 72 гласа „за“ го донесоа и Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија. Собранието ги изгласа и одлуките за испраќање на припадник на Армијата на РСМ во УНИФИЛ во Либан и за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, како и три автентични толкувања. Седницата не можеше да продолжи бидејќи за дел од точките што се на дневен ред на овие седници не се завршени комисиските распарави. Претседателот на Собранието ги повика претседателите на комисиите да ги одржат седниците за да може да биде закажано продолжение на ова парламентарно заседание. На дневен ред на 84. седница се и законите за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за спортска академија, Предлог на закон за установите за средно образование на верските заедници и Предлог на закон за дополнување на Законот за возила. ев/ац/

Остани поврзан