• петок, 09 август 2024

Смирнов: Речиси сите региони на Русија и помагаат на Курската област да го евакуира населението

Смирнов: Речиси сите региони на Русија и помагаат на Курската област да го евакуира населението

Москва, 8 август 2024 (МИА) - Речиси сите региони на Русија пружаат помош на Курската област за евакуација на населението од пограничните области, изјави вршителот на должноста гувернер на регионот, Алексеј Смирнов.

-Прво, откако ја проценивме ситуацијата, почнавме да ги евакуираме луѓето. Речиси сите раководители на регионите на Руската Федерација реагираа и обезбедија места за евакуација, му рекол Смирнов на рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање, пренесуваат руските медиуми.

Евакуираните ќе се превезуваат со автобус и железница, продолжи Смирнов.

Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, вчера изјави дека на 6 август, во 5:30 часот, единиците на украинските вооружени сили го нападнале регионот Курск, обидувајќи се да ја заземат таа територија, што според него, било запрено.

Началникот на Генералштабот нагласи дека операцијата во областа Курск ќе заврши со „пораз на непријателот“.

Руското Министерство за одбрана денеска извести дека украинските сили, кои се обиделе да напредуваат во областа Курск, изгубиле 660 војници и 82 оклопни возила за два дена, од кои осум тенкови, 12 оклопни транспортери, шест пешадиски борбени возила и 55 оклопни возила.

Во разговорот со Смирнов, Путин рече дека е донесена одлука да се изврши еднократна исплата на 10.000 рубљи (или 105 евра) на граѓаните на кои им треба.

Како што беше соопштено вчера, во нападите на украинските сили врз областа Курск се повредени 31 лице, меѓу кои шест деца.

По нападот беше воведена вонредна состојба во областа Курск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, денеска ја пофали украинската армија за нејзината способност да „изненади (во напади)“ и да постигне резултати.

-Секој може да види дека украинската армија знае да изненади. И знае како да постигне резултати. Нашите војници не само што успеваат да се спротивстават на супериорната сила на окупаторот, туку и да го уништат (непријателот) на начин што е неопходен за заштита на нашата земја, рече Зеленски во видео обраќањето на презентацијата на новата дигитална апликација за армијата. мс/

 

Остани поврзан