Словенците го казнија Јанша и го избраа месијата
- Словенците го казнија (поранешниот премиер Јанез) Јанша и го избраа месијата, пишува денеска Дојче веле (DW), додавајќи дека високата излезност и падот на традиционалните левичарски партии на
27 април 2022
Дојче Веле
Словенците го казнија (поранешниот премиер Јанез) Јанша и го избраа месијата, пишува денеска Дојче веле (DW), додавајќи дека високата излезност и падот на традиционалните левичарски партии на изборите покажуваат дека гласачите сакале некој нов, но дека тој немаше волшебно стапче.
„Пораката на изборите е јасна: гласачите им кажаа НЕ на политичарите од претходната власт“, изјави за ДВ политичката аналитичарка и водителка на словенечкиот јавен сервис РТВ, Тања Стариќ.
Сепак, ваквата убедлива победа на новодојдениот Роберт Голоб во неделата ги изненади познавачите на политичката сцена, оценува ДВ и наведува дека анкетите укажуваат на тесна трка меѓу неговото Движење Слобода и конзервативната Демократска партија на премиерот во заминување Јанез Јанша.
На крајот, се додава, Движењето на Голоб, кое постои само од јануари, освои 41 место во 90-члениот Парламент, додека партијата на Јанша има 27, неговите коалициски партнери Демохристијаните осум, Социјалдемократите седум и Левицата пет. Останатите две места се резервирани за малцинствата. Излезноста беше неверојатни 70 проценти.
„Ова е пораз на етаблираните партии“, оцени Стариќ. Таа смета дека Социјалдемократите предводени од Тања Фајон и Левица биле во загуба бидејќи не работеле на сопствената политика, туку сите сили ги вложиле во критикување на владата на Јанша и борбата тој да си замине. „А, потоа гласовите на гласачите кои се спротивставија на владата отидоа кај новодојдените“, додаде новинарката.
„Тоа е исто така потсетување дека гласачите имаат големи резерви кон естаблишментот. Но, ова не е ново. Веќе десет години забележуваме дека гласачите не сакаат да им веруваат на политичките партии, системот и политиката воопшто“, изјави Стариќ за ДВ.
Политичкиот аналитичар Аљаж Пенгов Битенц смета дека исходот е знак за јасно отфрлање на се поавторитарниот режим на Јанез Јанша. Всушност тоа, вели, е главниот двигател на народот - прашањето дали сте за или против контроверзниот премиер Јанша.
Опозицијата во последните две недели од кампањата постојано укажува на проблемите во Словенија кои оваа влада ќе треба да ги реши“, вели аналитичарот за ДВ. „Гласачите ги казнија етаблираните партии кои им зборуваа дека ситуацијата е лоша, а во исто време тие го признаа тоа и избраа месија кој сега треба да ги реши проблемите за миг“, додаде тој.
Роберт Голоб, кој нема да има проблем да води коалициска влада, е познат како експерт за енергетика. Иако долго време е во политичките води, тој стана генерално популарен минатата есен кога властите не сакаа да го задржат на чело на државна компанија. За тоа лично го обвини Јанша.
Голоб се залага за либерална и зелена политика, но, како што укажува Тања Стариќ, тимот на луѓе околу него е речиси целосна енигма.
Битенц е критичен кон феноменот. „Движењето на Голоб е проекција на месијанскиот комплекс на словенечката нација, која постојано бара од месијата да ги реши сите проблеми одеднаш. Слично нешто веќе видовме со Миро Церар во 2014 година“, рече тој.
Голоб за време на кампањата постојано нагласуваше дека на Словенија и треба нов „социјален договор“, консензус за тоа како треба да изгледа земјата.
„Немаме основен консензус за тоа кои сме и каде одиме“, рече Стариќ.
„Кои се клучните прашања за иднината, што навистина сакаме? Поранешната влада сакаше да го трансформира општеството во либерална демократија. Опозицијата се противи на тоа. Но, ние како општество треба да имаме консензус за тоа што е правилно, а што не е. А, ние го немаме“, додаде таа.
Битенц смета дека промената на власта е добар исход за демократијата, еден вид победа на народот и граѓанското општество. Но, тој вели дека ова е избор меѓу две зла: „Помеѓу авторитарно владеење или програми за штедење низ кои ќе мораме да поминеме ако сакаме да ги регулираме јавните финансии“.
Се смета дека граѓанското општество, кое беше под притисок на Јанша, придонесе за високата излезност. „Ова го урна митот за пасивни млади луѓе на кои не им е грижа“, изјави за ДВ Ника Ковач, директор на Институтот „8 Март“.
Таа лично беше мета на владата на Јанша. „Никогаш не ми било потешко од претходните два месеца. Ми се закануваа. Не навредуваа и напаѓаа, но од тие грди работи сега излезе нешто убаво", рече таа.
Голоб веќе вети дека ќе ги отстрани пречките за граѓанското општество поставени од претходната влада. Тој порача и дека ќе се справи со состојбите на јавниот сервис.
„Газењето на медиумите беше една од главните причини зошто владата на Јанша ги загуби изборите. Доколку Голоб ги исполни своите ветувања да донесе нов закон за РТВ, тогаш тоа ќе биде добро за јавниот сервис“, заклучи Тања Стариќ. паг/