• недела, 22 декември 2024

Словачка до крајот на годинава ќе ја затвори канцеларијата за врски во Приштина

Словачка до крајот на годинава ќе ја затвори канцеларијата за врски во Приштина

Приштина, 23 октомври 2024 (МИА) - Словачка, една од 5-те земји членки на Европската унија кои не го признаваат Косово, реши да ја затвори својата Канцеларија за врски во Косово, четврт век по нејзиното отворање, јави дописникот на МИА од Приштина.

Затворањето на Канцеларијата за врски за Радио Косово го потврдија од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словачка.

„Согласно одлуката на словачката Влада, Канцеларијата за врски на Република Словачка во Приштина ќе биде затворена до 31 декември 2024 година, поради реорганизација на дипломатската мрежа и намалување на буџетот“, се вели во одговорот на службата за односи со јавност на словачкото МНР.

Министерството за надворешни работи на Косово не го коментира затворањето на канцеларијата во Приштина, ниту влијанието што оваа одлука може да го има врз односите меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи на Словачка, Јурај Бланар, во петокот на средбата со неговиот српски колега Марко Ѓуриќ во Белград изјави дека ставот на Словачка за непризнавање на Косово останува непроменет, бидејќи, според Братислава, независноста на Косово го нарушува територијалниот интегритет на Србија.

Во 1999 година, кога Косово беше ставено под администрација на Обединетите нации, многу земји, вклучително и оние кои беа против, како Русија, отворија свои канцеларии за врски во Приштина, а по независноста повеќето од оние што го признаа Косово се претворија во амбасади или дипломатски претставништва. иа/

Остани поврзан