• петок, 05 декември 2025

Словачка го условува прифаќањето на нови санкции против Русија со нови решенија на ЕУ за климатските цели

Словачка го условува прифаќањето на нови санкции против Русија со нови решенија на ЕУ за климатските цели

Братислава, 11 септември 2025 (МИА) - Словачка нема да го поддржи усвојувањето на 19-от пакет санкции против Русија сè додека Европската комисија не понуди решенија за климатските цели што се во согласност со потребите на автомобилската индустрија, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо по состанокот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Фицо истакна дека нема да поддржи воведување нов пакет санкции сè додека ЕУ не претстави нов предлог за цените на електричната енергија во Европа

Премиерот на Словачка не ја отфрли можноста дека одредени климатски цели на Европската Унија треба да бидат променети, доколку постои политичка волја за тоа.

Претходно денеска, од Европската комисија соопштија дека е прерано да се каже кога ќе стапи во сила 19-от пакет санкции против Русија. Портпаролот на ЕК истакна дека Комисијата ќе продолжи со консултациите со САД и со другите меѓународни партнери, но не изнесе повеќе детали.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претходно изјави дека новиот 19-ти пакет санкции се подготвува во тесна соработка со Соединетите Американски Држави, додавајќи дека е неопходно да се изврши притисок врз Русија и врз рускиот претседател Владимир Путин за да се прифатат условите за примирје.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека е подготвен да премине на втората фаза од санкционирањето на Русија и дека поединечни европски лидери денеска или утре ќе ги посетат САД за да разговараат за тоа како да се реши руско-украинската војна. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан