„Слободарски фиданки“ во чест на Рацин
- Во рамки на програмата за 62. Рацинови средби, организаторите, претставници на Општина Велес и градоначалникот Марко Колев заедно со вработени во јавните установи, наставници и вработени во ЈКП „Дервен“, под мотото „Слободарски фиданки“ денеска во чест на безвремениот Рацин засадија млади садници дрвца во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“.
Велес, 9 јуни 2025 (МИА) - Во рамки на програмата за 62. Рацинови средби, организаторите, претставници на Општина Велес и градоначалникот Марко Колев заедно со вработени во јавните установи, наставници и вработени во ЈКП „Дервен“, под мотото „Слободарски фиданки“ денеска во чест на безвремениот Рацин засадија млади садници дрвца во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“.
Како што потенцираа организаторите на Рациновите средби - од Општина Велес, засадувањето на млади дрвца е симбол на слободата и животот кој извира од секој Рацинов стих.
-Садниците се засадени во дворот на велешката гимназија која го носи името на великанот, познат во светот по најпреведуваната стихозбирка од македонски јазик „Бели Мугри“. Зборот од мугрите - аманет што не згаснува, потенцираа од Општиа Велес.
Во рамите на програмата на 62. Рацинови средби во Велес, попладнево во 18 часот ќе има поетски читање на велешките поети под слоганот „Кондензирани воздишки“ на три локации во градот: кај Гимназијата „Кочо Рацин“, во кафе бар „Барето“ и платото пред театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Од Општина Велес ги покануваат сите граѓани да бидат дел од овие поетски читања и останатите содржини на 62. Рацинови средби кои ќе траат до 17 јуни.
Воедно, на планината Лопушник, кичевско, местото каде што загинал Коста Солев Рацин на 13 јуни 1943 година, традиционално со марш и букети цвеќе ќе му биде оддадена почит на Рацин.
Тргнувајќи утре рано наутро во 4:30 часот, во наредните четири дена во чест на Рацин, од Велес до Лопушник пеш ќе одат улттрамаратонците Верољуб Додевски, Трајче Михов и Зоран Димов, а ќе им се придружат и Љубиша Андреиќ од Куманово и Томислав Спасовски од Скопје. Како и изминатите години, и годинава на 13 јуни тие ќе положат венец од цвеќе на спомен обележјето на Рацин. ад/ар/
Фото:МИА