• четврток, 19 декември 2024

Скопјанец осомничен дека лажно пријавил грабнување на дете

Скопјанец осомничен дека лажно пријавил грабнување на дете

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишен скопјанец осомничен дека сторил лажно пријавување на кривично дело од член 366 став 4 од Кривичниот законик. За осомничениот веднаш се предложени и мерки на претпазливост- забрана за напуштање на живеалиште и обврска повремено да се јавува на определено службено лице во судот.

Како што информира Јавното обвинителство, осомничениот, иако знаел дека не е сторено, лажно пријавил кривично дело – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, односно пријавил во СВР Скопје дека забележал комбе со сива боја со непознати регистарски ознаки од Република Германија во кое имало две лица кои се обиделе да грабнат малолетничка, но не успеале.

Во извршен разговор во полициска станица тој признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери.

Во насока на целосно расчистување на овие информации кои беа објавувани изминатите неколку дена, по насоки на јавен обвинител извршени се сите проверки со кои е утврдено дека лицата чии фотографии се споделуваа на социјалните мрежи се сторители на кривични дела – кражби во друга држава и тие во изминатиот период воопшто не престојувале на територијата на државава.

Јавното обвинителство апелира да не се шират дезинформации кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан