• сабота, 23 ноември 2024

Скијачката федерација со поддршка за иницијативата за расчистување на сомнежите за злоупотреби во минатото

Скијачката федерација со поддршка за иницијативата за расчистување на сомнежите за злоупотреби во минатото
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Скијачката федерација на Македонија денес даде поддршка на иницијативата на заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски за расчистување на можните злоупотреби во Федерацијата во изминатиот период. Во соопштението на СФМ се вели: - Извршниот одбор на СФМ и претседателот Огњан Циговски ќе дадат силна поддршка во овој процес и во таа насока денес до Кабинетот на заменик премиерот ќе биде доставена претставка со доказни материјали за понатамошно процесуирање. Истата документација ќе биде доставена и до Агенцијата за млади и спорт, како и до Државната комисија за спречување на корупцијата и другите надлежни институции. Силното залагање за расчистување на евентуалните злоупотреби и создавање на солидни услови за развој на спортот беше главен мотив поради што и беше организирано Вонредно Собрание на 3-ти март годинава, согласно Статутот на Федерацијата, со поддршка од 9 од вкупно 17 клубови со право на глас, кога беше и избрано сегашното раководство. Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите се главните цели за новото раководство на Скијачката федерација. За да се постигне оваа цел, Федерацијата мора да работи транспарентно и во соработка со сите релевантни институции и да обезбеди подобри услови за развој на нашите спортисти. Од тие причини, а како резултат на наталоженото незадоволство кај поголемиот број клубови, ја информиравме јавноста и за случајот со спортските ваучери. Јавноста беше информирана и за незаконското востановување на привременото раководство. Имено, по смртта на претходниот претседател, како овластено лице на СФМ во Централниот регистар на Република Северна Македонија е впишан Васил Сокле во улога на „потпретседател-потписник“. Како основа за ваквото впишување е наведена постапка за избор на претставник на СФМ која е спроведена без знаење на клубовите и спротивно на постапката предвидена во Статутот на СФМ, за што клубовите и дел од членовите на Извршниот одбор на СФМ тогаш понесоа соодветна пријава до Агенцијата за млади и спорт како надлежен орган. Соодветно беше реагирано и за индициите за фалсификувани лекарски уверенија од страна на тогашен член на Надзорниот одбор и неколку други спортисти. За да се заштити кредибилитетот на скијачките спортови, расчистувањето на индициите за можни злоупотреби го сметаме за неопходно. Скијачката федерација мора да биде репрезент на спортистите и да создава услови за спортски успеси, стои во обраќањето на Скијачката федерација на Македонија. Реакцијата на СФМ доаѓа по преставката поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради нерегуларности и незаконитости при изборот на претседател, како и фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачки клубови. зс/

Остани поврзан