• петок, 22 ноември 2024

Сијарто: На Украина треба да престане да ѝ се испраќа оружје

Сијарто: На Украина треба да престане да ѝ се испраќа оружје

Будимпешта, 12 ноември 2024 (МИА) – Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека очекува војната во Украина да заврши што е можно поскоро и смета дека за тоа ќе придонесе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Во Јахорина во близина на Сараево, каде што учествуваше на деловна конференција организирана од владата на Република Српска, Сијарто им рече на новинарите дека изборот на Трамп доведе до ситуација во која досега има најголеми шанси за постигнување мир во Украина и оти тоа е пристапот за кој Будимпешта упорно се залага.

Сијарто рече дека Унгарците не веруваат дека решение за Украина може да се најде на бојното поле, додавајќи дека сега треба „да се престане со испраќање оружје“ и да почне да се преговара, но признава дека таквата позиција на Будимпешта е малцинство во Европа, дури и иако наводно преовладува во другите делови на светот.

Тој ги обвини „левичарските медиуми во Европа“ за создавање лажна слика за тоа кое е решението за Украина кога тие се залагаат за континуирана поддршка за земјата во нејзините напори да се одбрани од руската агресија.

Тој тврди дека на Европската унија сега и е потребна нова стратегија бидејќи не може да го надомести повлекувањето на САД од поддршката за Украина ниту финансиски, ниту со набавка на оружје, и очекува дека токму тоа ќе се случи.

- Се надеваме дека Доналд Трамп ќе ги реализира своите планови што е можно поскоро и дека ќе има мир што е можно поскоро, рече Сијарто. јт/

Фото: Х

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан