• среда, 10 април 2024

Ситуацијата на северот на Косово мирна, ЕУ и САД го засилија притисокот врз Белград и Приштина за надминување на кризата

Ситуацијата на северот на Косово мирна,  ЕУ и САД го засилија притисокот врз Белград и Приштина за надминување на кризата

Приштина, 2 јуни 2023 (МИА) - Во општините Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ ноќта помина мирно, а од утрово, седми ден од кризата во тие три општини на северот на Косово, граѓаните повторно се собираат барајќи повлекување на градоначалниците Албанци од општинските згради и повлекувањето на косовските специјални единици. Вработените во општина Звечан и денеска се запишани во импровизиран список поставен на маса пред оградата што ја подигна Кфор, чии членови се на приодот до општинската зграда. Од минатиот петок на вработените им е забрането да доаѓаат на работа во зградата на општина Звечан, каде се уште се наоѓаат специјални полициски единици.

КФОР се уште е распореден на главната раскрсница во Звечан, како и на други четири места за да се спречи каква било провокација.
ЕУ и САД им претставија на властите во Приштина неколку барања за смирување на ситуацијата во северно Косово, вклучително и одржување нови избори и формирање Заедница на српски општини.
Косовскиот премиер Албин Курти по разговорот со претставник на Белата куќа изјави дека е подготвен да одржи нови избори под услов косовските Срби да престанат со протестите.

Тензиите се зголемија во северно Косово минатиот петок кога косовски Срби се обидоа да ги спречат новоизбраните градоначалници на косовски Албанци да влезат во општинските згради и да ги преземат своите должности во општините доминантно српски. Косовската полиција потоа употреби солзавец за да ја растера толпата и да ги пушти новите вработени во канцелариите. Во понеделникот избувнаа судири меѓу демонстрантите, полицијата и мировните сили на НАТО КФОР Косово, при што беа повредени околу 30 војници на КФОР и околу 50 косовски Срби. Косовските Срби ги бојкотираа локалните избори во април, а албанските кандидати победија на изборите во четири општини со доминантно српско население - Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток и Северна Митровица.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел синоќа го зголеми притисокот врз косовските власти да преземат мерки за деескалација на тензиите.

Имаме три јасни барања - нови избори веднаш, обезбедување учество на косовските Срби, почеток на создавање Заедница на српски општини. Непочитувањето на нив ќе има сериозни последици за нашите односи, напиша Борел на Твитер.

Косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа накратко се сретнаа во присуство на Борел, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.
Макрон  повика што е можно поскоро да организираат нови избори во четирите општини во северно Косово, населени претежно со Срби.  Макрон рече дека тој и германскиот канцелар Олаф Шолц побарале јасни одлуки до следната недела.

Курти го услови одржувањето на нови избори во општините на северот на Косово со завршување на, како што наведе, „насилните протести пред општините на север“ и целосно спроведување на Бриселскиот договор. Курти го објави ова на Твитер откако телефонски разговараше со американскиот заменик-советник за национална безбедност Џонатан Финер и американските сенатори Крис Марфи, Пит Рикетс и Џин Шахин.

„Отстранувањето на насилните толпи пред општинските згради и целосното спроведување на Бриселскиот договор е патот кон деескалација, до нови избори“, напиша Курти. зш/

Остани поврзан