• петок, 05 декември 2025

Сите членки на СБ на ОН, освен САД, повикаа на итен прекин на огнот во Газа

Сите членки на СБ на ОН, освен САД, повикаа на итен прекин на огнот во Газа

Њујорк, 28 август 2025 (МИА) - Сите членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, освен САД, на прес-конференција повикаа на итен прекин на огнот во Газа и изразија загриженост поради „намерно предизвиканиот“ глад во палестинската енклава.

-Изразуваме длабока загриженост поради податоците за гладот ​​во Газа, изјави заменик-постојаниот претставник на Гвајана во ОН, Тришал Персо, и истакна дека ова е „прв пат гладот ​​официјално да биде потврден во регионот на Блискиот Исток и дека секој ден се повеќе луѓе умираат од неухранетост, претежно деца“, објави Си-Ен-Ен.

На подиумот ѝ се придружија претставници на Словенија, Алжир, Кина, Данска, Франција, Грција, Пакистан, Панама, Јужна Кореја, Русија, Сиера Леоне, Сомалија и Велика Британија.

-Ова е криза предизвикана од човекот, иако употребата на глад како оружје во војната е строго забранета со меѓународното хуманитарно право, рече Персо.

Заменик-постојаниот претставник од Словенија, Ондина Дробиќ, додаде дека тие повикуваат на прекин на огнот во Газа и ослободување на сите преостанати заложници, Израел да ја отвори Газа за хуманитарна помош и да се откаже од плановите за инвазија и окупација на градот Газа.

-Хуманитарната криза мора да се реши без одлагање и Израел мора да го промени курсот, рече Дробиќ.сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан