„Сите мои слики“ прва самостојна изложба на Катка Божиноска во Тетово
- Со прва самостојна изложба насловена „Сите мои слики“ пред тетовската јавност се претстави Катка Божиноска, инаку правник по професија со завршени магистерски и докторски студии по право. Таа има изработени 36 уметнички слики кои од вечерва се изложени во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ).
Тетово, 29 ноември 2024 (МИА) – Со прва самостојна изложба насловена „Сите мои слики“ пред тетовската јавност се претстави Катка Божиноска, инаку правник по професија со завршени магистерски и докторски студии по право. Таа има изработени 36 уметнички слики кои од вечерва се изложени во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ).
Промоторот на нејзините дела професорот и писател Јован Дамјановски од Тетово рече дека од вечерва уште едно име се вградува во тетовската култура. Според Дамјановски, тематските преокупации и мотивската ориентација на Катка во основа се израз на оптимизмот, поединечно препознавање на времето и просторот и слики чија изворност е во нејзината емотивност на срцето.
- Со овие 36 експонати ја претставува својата ликовна орнаментика, како чин на себе искажување, како емотивен и творечки немир. Во последно време ликовниот живот во Тетово, се збогати со нови имиња на наши сограѓани. Денешната изложба е еден значаен придонес во културниот живот на нашиот град. Со јасно дефинирана ликовна филозофска размисла, Катка Божиновска со длабоко чувство и со рамнотежа на боите го претставува животот во перфекција на боите на хиперреализмот. Нејзината естетска сугестија допира и се вкрстува со реалноста и волшепството на замисленото на цвеќето на природата на пејзажите и старата архитектура. Нејзините слики на мртва природа кај неа има лиска обоеност како засенчени простори на сонот. Во своите слики Катка Божиноска понира во длабоки духовни сфери и остава впечаток да се разбере како начин на сопственото вложување и препознавање на локалното, но и универзалното, нејзината изворност е во нејзината емотивност на срцето. Авторката се впушта во широката потрага по мотиви за емотивен неспокој и творечки немир. Покрај реалноста, тука се и имагинациите зошто животот постојано генерира дорекување и одрекувања како внатрешна сопственост на духот, истакна Јован Дамјановски.
Авторката Катка Божиноска, рече дека никогаш не е доцна за тргнување по нов пат, како нејзиниот по сликарството.
- Оваа изложба ја поттикнавте сами вие, со коментарите на Фејсбук и слично, кој како ќе ме сретне кога изложба, така да ова е една изложба поттикната од вас, а осмислена од мене по повод мојот 60-ти роденден и на првиот ден од мојата седма деценија. За мене се отвори еден нов пат, како доказ дека никогаш не е доцна да копате во својата душа и да ги барате заспаните таленти пориви што ги носите во себе, така да сликарството стана мојот глас, а платното медиум за изразување и моја пасија која се надевам дека ќе продолжи со повеќе изложби во иднина. Огромна благодарност за мојот ментор Кочо Јованоски, низ ова мое почетничко патување Кочо ми беше најголемата поддршка, најголемиот учител, неодамна го открив овој мој талент во последнава година ми проработи уметничкиот порив, благодарност до семејството, пријателите присутните и на мајка ми, рече Катка Божиноска.
Таа е родена на 28 ноември 1964 година Тетово, дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, магистрира на „Славјанскиот универзитет, а со докторска титула од правните науки се стекнува повторно на скопскиот Правен факултет. ас/вг/
фото МИА