• петок, 22 ноември 2024

Синдикатот на културата бара веднаш исплата на августовските плати на вработените во „Охридско лето“

Синдикатот на културата бара веднаш исплата на августовските плати на вработените во „Охридско лето“

Охрид, 4 октомври 2024 (МИА) – Синдикатот на културата бара од ресорното Министерство веднаш да ги исплати платите за август за вработените во Националната установа „Охридско лето“.

Според соопштението од Синдикатот, вработените во „Охридско лето“ се уште не ја примиле платата за август, иако овластеното лице на установата навреме и уредно доставило барање за одобрување средства за плати за односниот месец.

Платите не се исплатено поради забелешки од Министерството за култура и туризам за наводни неправилности во доставеното барање за платите, за кои Синдикатот смета дека се паушални и непоткрепени со што се прави огромна штета на вработените во НУ „Охридско лето“.

Од Синдикатот посочуваат дека раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон.

„Посочената одредба јасно упатува на заклучок дека раководното лице на установата Охридско лето Охрид е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон и Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии имаат обврска да го одобрат доставеното барање. Доколку Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии сметаат дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати за месец август 2024 година е незаконито или содржи невистините податоци, истите имаат можност да отпочнат постапка за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, казниво по член 353 од Кривичниот законик, против раководното лице на установата“, се наведува во соопштението од Синдикатот на културата.

Истовремено се повикува министерот за култура и туризам Зоран Љутков да застане против тендециозните влијанија на одредени вработени од Министерството за култура и туризам, за кои од Синдикатот посочуваат дека секогаш кога се работи за права од работен однос, а поврзани со финансиски додатоци како прекувремени саати, работа во недела и празник и слично, наоѓаат начини истите да не им бидат исплатени на вработените во институциите од културата. 

Поради тоа, Сидикатот бара уште денеска да биде исплатена платата на вработените во НУ „Охридско лето“, а во спротивно ќе бидат покренати сите можни правни механизми за остварување на правото на плата на вработените во „Охридско лето“. аб/дма/

фото: МИА

 

Остани поврзан