• петок, 17 јануари 2025

Симона Ѓорчева и Ненад Витанов новите програмски селектори на „Охридско лето“

Симона Ѓорчева и Ненад Витанов новите програмски селектори на „Охридско лето“

Охрид, 17 јануари 2025 (МИА) – Музичкиот менаџер Симона Ѓорчева и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на нашата најремонирана и најмасовна културна манифестација, фестивалот „Охридско лето“.

Директорот на Националната установа „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски во врска со именувањето на селекторите најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма.

„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели директорот Цуцковски.

Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.

М-р Симона Ѓорчева е управен директор на Камерниот оркестар во Келн, Германија со големо искуство во делот на организација на концерти и концертни турнеи. Претходно работела како проектен менаџер на „Шуманфест“ во Дизелдорф каде остварила бројни контакти со врвни уметници ширум светот. Таа исто така била и генерален директор на меѓународниот натпревар Роберт Шуман за млади пијанисти до 20 години во Дизелдорф како и координатор во Центарот за високо талентирани музичари, Шуман Јуниор.

Во својата кариера м-р Ненад Витанов има режирано над 20 театарски претстави во повеќе театри а неговите претстави се селектирани на повеќе театарски фестивали и имаат добивано награди. Вработен е во Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот во Велес. Витанов бил програмски директор на ФАД „Стоби“, организатор на „Рацинови средби“, директор на театарскиот фестивал „5РЕ“, како и дел од жирито за доделување на наградата „Петре Прличко“. аб/цр

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан