• понеделник, 23 декември 2024

Силвија Митевска за МИА: Спортската дипломатија креира можности за зајакнување на меѓународните односи

Силвија Митевска за МИА: Спортската дипломатија креира можности за зајакнување на меѓународните односи
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Спортската дипломатија е релативно нов концепт кој подразбира стратешка употреба на спортот, односно примена на спортот како средство за градење на позитивни односи со цел постигнување на одредени национални и надворешно-политички приоритети. Добро познато е дека спортистите се најдобри амбасадори и промотори на една држава, но, доколку не постои свесна и стратешка насока за користење на спортот како алатка за промоција на економски, внатрешни и надворешни политички цели, тогаш не се користи до крај неговиот потенцијал и моќ. Во интервју за МИА, Силвија Митевска, советничка на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија за спорт, вели дека спортската дипломатија е наразделен дел од јавната дипломатија и преку таканаречената „мека моќ“, креира можности за зајакнување на меѓународните односи и дипломатските практики, што, пак, влијае позитивно на репутацијата и имиџот на една држава. Оттаму, вели, развиените држави креираат засебни стратегии за спортска дипломатија, со цел да ја канализираат моќта на спортот како платформа за унапредување на посакуваните општествени цели. Во однос на прашањето за значењето на спортската дипломатија, која е релативно нова појава на нашиот простор и што нашата држава може да постигне преку нејзино практикување таа вели дека Северна Македонија е една од првите држави која интензивно работи на креирање на спортската дипломатија како дел од Стратегијата за јавна дипломатија во надлежност на Министерството за надворешни работи. - Наша цел е Северна Македонија да биде препознаена како водечка земја во регионот која има јасно поставена визија за стратешка употреба на спортот и меѓународна промоција на нашата земја. Франција е првата држава која во редовен работен однос во Министерството за надворешни работи ја има и првата амбасадорка за спортска дипломатија, Лоренс Фишер, која ја очекуваме да дојде во Северна Македонија на почеток на 2022 година и да ги предводи јавните настани на тема спортска дипломатија и улогата на спортистите во јавната дипломатија, вели Митевска. Дополнува дека Северна Македонија е во голема предност кога станува збор за практикување на спортска дипломатија и се надева дека во иднина ќе станеме регионален хаб за имплементација на обуки наменети за спортисти како клучни актери во делот на јавната дипломатија. Ние во Законот за спорт имаме предвидено доделување на титула „Амбасадор на спортот“, но, вели, за да биде суштинска и сеопфатна, оваа иницијатива треба да биде дополнително дефинирина и е особено важно нејзината улога да се зајакне. Во продолжение ви го пренесуваме целото интервју со Силвија Митевска, советничка на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија за спорт. Кои се целите кои Република Северна Македонија претендира да ги постигне преку спортската дипломатија? - Нашата визија е промоција на Северна Македонија преку спорт, односно, нашите амбиции се однесуваат на афирмација на нашата држава, култура и надворешно-политички приоритети на меѓународна сцена, унапредување на економијата и привлекување на инвестиции преку спорт како и поттикнување и развој на понатамошна соработка со владини и граѓански тела. Оттаму, во наредниот период ќе се фокусираме на привлекување на што поголем број интернационални спортски настани и поддршка за кандидатура на настани од висок профил од областа на спортот, како и зголемување на бројот на стручни лица од Северна Македонија во извршните комитети и структури на меѓународни и интернационални федерации и организации. Ќе ги користиме сите можности кои ги пружаат големите спортски натпреварувања и паралелно ќе организираме промотивни настани во согласност со нашите стратешки приоритети. Еден ваков пример е првиот спортско-дипломатски настан на темата „Унапредување на економската и трговската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Романија“, кој се одржа при нашиот прв настап на Европското првенство во фудбал - ЕУРО 2020 во Букурешт. Во оваа прилика, спортот ни послужи како платформа за промоција на нашите домашни производи и вмрежување на заинтересирани компании од двете земји со цел многу наши продукти да станат дел од пазарот во Романија. Јавното здравје во голема мера зависи од начинот на живот на населението, во кој голем удел има и спортот. Каква е стратегијата на Владата во однос на зголемувањето на партиципацијата на граѓаните во спортско-рекреативни активности со цел подобрување на нивното здравје? - Кај нас најголемиот дел од населението не е физички активно и води седентарен стил на живот. Според податоците од Институтот за јавно здравје, дури половина од возрасното население воопшто не практикува физичка активност, а само 8,3 отсто од испитаниците практикуваат умерена физичка активност од најмалку 150 минути неделно. Физичката неактивност е докажан ризик за здравјето и предизвикува голем терет на здравствениот систем и поголема побарувачка на здравствените услуги. Иницијатива од кабинетот на Претседателот на Владата беше да се формира интерсекторска работна група која ја подготви првата национална програма за физички активна нација, чија цел е поголема опфатеност и широка партиципација на граѓани во спортско-рекреативни активности и воведување на физичката активност како превентивен фактор во унапредување и заштита на јавното здравство. Во рамки на оваа програма ќе се креираат можности за активен стил на живот кои одговараат на индивидуалните потреби и околности во секојдневниот живот, притоа, со активна афирмација за физичка активност на работно место. Ќе интегрираме добри практики од други земји со цел да го свртиме трендот од неактивност во активност и да ги почувствуваме здравствените, образовни и општествени придобивки од рекреативното спортување. Што опфаќа соработката на Владата на Република Северна Македонија во доменот на спортот со Совет на Европа? - Започнавме проактивна соработка со Советот на Европа во делот на проширениот делумен договор за спорт и побаравме ревидирање на Европската повелба за спорт во нашите спортски политики и закони. Експертскиот тим на основа на билатерални средби со претставници од македонскиот спортски сектор ќе изготви сет на препораки кои ќе значат приближување и хармонизација на нашите спортски политики со европскиот модел на спорт. Исто така, ќе подготвиме и заедничка програма со цел креирање на подобри политики во делот на спорт и етика, спортот како безбедна средина и инклузивен спорт за сите. Како сте задоволни од целокупниот прогрес на националните федерации и што ќе преземете со цел подобрување на нивната работа, како и постигнувања? - Во овој дел се соочуваме со предизвици и доколку ги оценуваме спортските субјекти и нивното делување според индикатори во областите транспарентност, ефикасност, интегритет и пристапност, ќе видиме дека имаме алармантна состојба и многубројни предизвици кои треба да се надминат. Затоа, инициравме програма со цел градење на капацитети на националните федерации и практики на добро владеење, отчетност и транспарентност и воведување на јасни процеси на партиципативно одлучување и креирање на спортските политики. Во рамки на оваа програма ќе бидат изготвени и дополнителни прирачници како и кодекс за добро владеење, чии критериуми ќе треба да бидат исполнети доколку спортските субјекти побаруваат државно финансирање за реализација на својата програма. За да имаме успешни спортски политики и непречен развој на спортскиот сектор, потребни се отворени и одговорни спортски субјекти чии лидери ќе го негуваат духот на интегритет на лично и на институционално ниво. Единствено на овој начин ќе креираме отпорност кон корпуцијата во спортот. Дали сметате дека инфраструктурните капацитети за практикување на спорт во нашата држава се доволни и дали нивната состојба е соодветна за да можат истите непречено да се користат? - Сметам дека значително се вложува во спортска инфраструктура и дека секогаш се зема превид локалниот економски развој, односно, спортските капацитети рамномерно се распределуваат во сите општини ширум Северна Македонија. Од голема важност е да се овозможи еднаков пристап до спортските капацитети за сите спортски здруженија, без разлика дали станува збор за рекреативни, аматерски или професионални клубови или клубовите за лица со попреченост. Новата спортска инфраструктура треба да биде функционална, енергетско ефикасна и пред сè да бидат јасно дефинирирани надлежности и одговорности за тековно и одговорно одржување. Во моментов, заедно со Агенцијата за млади и спорт, преговараме со Јавни претпријатија за стопанисување со спортски објекти околу изнаоѓање на решение за неповолната ситуација во која се наоѓаат голем број на спортски објекти, игралишта и терени. Како ја оценувате генералната слика за застапеноста на родовата еднаквост во спортот и како  истата може да се подобри? - Родовата неедднаквост за жал е најизразена во спортот, област која сè уште се смета за доминантна и резервирана за мажите. Меѓутоа, нашиот план е во следните години да направиме суштински промени и јавно да кажеме дека сме овозможиле спортистите и спортистките да уживаат еднаков третман, еднакви права и еднаков пристап до сите ресурси во спортот. Јас ја предводам Комисијата за родова еднаквост при Олимпискиот комитет и многу сум благодарна на членките кои работат со голема љубов и посветеност на оваа кауза, и заеднички наскоро ќе ја претставиме во јавност нашата програма и план за работа со детални активности. План ни е да допреме до секоја спортистка со цел да ја вклучиме во нашата заложба и борба за родова еднаквост во спортот. Понатаму, во месец ноември, во соработка со Олимпискиот Комитет и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, ќе започнеме со серија на обуки за родово сензибилизирање на раководството при националните федерации и зајакнување на спортистките вклучени во спортскиот сектор. Ова ќе биде комплементарно на измените во Законот за спорт во кој за првпат досега ќе се воведат таканаречени квоти за еднаква родова застапеност на раководни позиции во структурите на националните федерации. Имаме одлична соработка и со Агенцијата за млади и спорт и верувам дека заедничките иницијативи и афирмативни мерки ќе дадат позитивни сигнали бидејќи родовата еднаквост е колективна обврска и приоритет. Дали сметате дека има доволно медиумска покриеност на спортските настани во нашата држава, особено во делот на женските категории. Доколку не, на што се должи тоа и како може да се регулира за да се подобри ситуацијата? - Од она што јас располагам како информација е дека процентуалната застапеност на медиумски содржини и пренесување на спортски натпревари во женски категории наспроти спорт во машки катеории е дваесет спроти осумдесет. Потребна е родова сензибилизација во медиумскиот простор и еднаква застапеност на спорт во женски и машки категории. Медиумот е крајно влијателна форма на пренесување на порака, и затоа е клучно успесите на женските спортски екипи и спортистки да бидат видливи и препознаени во јавноста. Како сето гореспоменато ќе се одрази на спортот, какви поместувања можеме да очекуваме? - Ние работиме вредно и посветено а времето ќе покаже дали сме ги постигнале промените и сме ги исполнувале очекувањата. Се надевам дека наскоро ќе може да разговараме и за малку поразлични теми како спорт за одржлив развој, иновативност и позитивни климатски промени, но, сепак, најпрво треба да ги надминеме основните предизвици со кои се соочуваме во спортот. Ангела Рајчевска  ФОТО: Фросина Насковиќ      

Остани поврзан