• понеделник, 16 септември 2024

Сибига покани претставници на ОН и на Црвениот крст да го посетат окупираниот дел од руската Курска област

Сибига покани претставници на ОН и на Црвениот крст да го посетат окупираниот дел од руската Курска област

Киев, 16 септември 2024 (МИА) – Шефот на украинската дипломатија Анриј Сибига покани претставници на Обединети нации и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да го посетат делот од руската Курска област, окупиран од украинската армија.

- Украина е подготвена да ја олесни нивната работа и да покаже усогласеност со меѓународното хуманитарно право на оваа територија, објави денеска Сибига на социјалната мрежа Икс.

На почетокот на август, Украина почна голема офанзива во граничната руска област Курск. Киев тврди дека контролира над 1.000 квадратни километри територија и десетици населби.

Украинските власти се обидуваат да покажат дека нивните сили таму го почитуваат хуманитарното право, не ги малтретираат руските цивили и не вршат воени злосторства, за разлика од руската армија, која е обвинета за злосторства на украинска територија.

- Уште од првиот ден на операцијата во Курск, украинските одбранбени сили покажаа целосна почит кон меѓународното хуманитарно право и обезбедија хуманитарна помош и безбеден премин на цивилното население, наведува Сибига.

Според Москва, офанзивата доведе до евакуација на околу 150.000 цивили.

Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Мирјана Сполариќ денеска пристигна во посета на Москва, неколку дена откако тројца претставници на Црвениот крст беа убиени во напад во областа Доњецк во источна Украина. Жртвите се подготвувале да дистрибуираат дрва и јаглен во село под контрола на Украина, веднаш до линијата на фронтот кога нивните автомобили биле под оган.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски за нападот ја обвини руската армија, оценувајќи го како „ново воено злосторство“. ми/

фото: Икс

Остани поврзан