СЗО предупредува на појави на болести во Либан
- Ијан Кларк од Светска здравствена организација (СЗО) денеска предупреди на појава на болести во Либан поради лошите услови во засолништата за раселените лица и затворањето на болниците
Женева, 8 октомври 2024 (МИА) – Ијан Кларк од Светска здравствена организација (СЗО) денеска предупреди на појава на болести во Либан поради лошите услови во засолништата за раселените лица и затворањето на болниците.
- Се соочуваме со ситуација каде што постои многу поголем ризик од појава на болести, како што се акутна дијареја, хепатитис А и голем број болести, што можат да се спречат со вакцини, истакна Кларк на прес-конференција во Женева преку видеоповик од Бејрут.
Здравствената агенција на ОН веќе предупреди дека здравствениот систем во Либан е преоптоварен и оти досега се затворени пет болници во земјава, а само четири се делумно функционални.
Кларк додаде дека болниците се затворени бидејќи медицинскиот персонал или побегнал од борбите или бил принуден да се евакуира.
Тој на конференцијата се осврна и на недостигот на храна во Либан, посочувајќи оти илјадници хектари земјоделско земјиште во јужниот дел на земјата се изгорени или напуштени поради конфликтот. ми/
фото: МИА архива