СЗО: Екстремните горештини ги оптоваруваат здравствените системи и најмногу ги засегаат најранливите
- СЗО потенцира дека топлината често ги влошува веќе постоечките состојби, а посебна загриженост предизвикуваат лицата со кардиоваскуларни болести, дијабетес и астма.
Женева, 19 јули 2023 (МИА) - Екстремните горештини на северната хемисфера ги оптоваруваат здравствените системи и најтешко ги погодуваат оние кои најмалку се способни да се справат, соопшти денеска Светската здравствена организација.
СЗО потенцира дека топлината често ги влошува веќе постоечките состојби, а посебна загриженост предизвикуваат лицата со кардиоваскуларни болести, дијабетес и астма.
Милиони луѓе на три континенти се изложени на постојана опасна жештина додека секојдневно се уриваат температурни рекорди.
- Екстремните горештини носат најголем данок за оние кои најмалку се способни да се справат со нејзините последици, како што се постарите луѓе, доенчињата и децата, како и сиромашните и бездомниците, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. - Тоа, исто така, врши зголемен притисок врз здравствените системи, рече тој на прес-конференција во Женева.
- Изложеноста на прекумерна топлина има широки влијанија врз здравјето, честопати засилувајќи ги претходно постоечките состојби и резултирајќи со прерана смрт и инвалидитет.
Тедрос истакна дека СЗО соработува со Светската метеоролошка организација, партнерска агенција со седиште во Женева, за да ги поддржи земјите во развој акциони планови за топло време за да ја координираат подготвеноста и да ги намалат влијанијата на прекумерната топлина врз здравјето. ссм/
фото: пиксабеј