• сабота, 27 јули 2024

Се понеизвесен договорот за привремен прекин на огнот во Пoјасот Газа

Се понеизвесен договорот за привремен прекин на огнот во Пoјасот Газа

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) – Поради денешниот напад на израелската армија врз Палестинците, кои чекале хуманитарна помош во предградие на Газа, најверојатно нема да биде постигнат договор за шестнеделен прекин на огнот во Појасот Газа и за размена на заложници за палестински затвореници.

Според претходно, оптимистичките изјави на американскиот претседател Џо Бајден, на разговорите што се водеа во Каиро и во Париз, со посредници Катар, Египет и САД требаше до понеделник да биде постигнат договор за привремен прекин на огнот во Појасот Газа.

Претходно, високиот член на Хамас, Изат Ал-Ришек предупреди дека убиството на луѓето кои чекале помош може да доведе до неуспех на тековните разговори, кои имаат за цел ослободување на заложниците и прекин на огнот.

- Преговорите не се отворен процес. Нема да дозволиме преговорите да бидат покритие за континуираните злосторства на непријателот врз нашиот народ во Појасот Газа, истакна Ал-Ришек.

За денешниот напад на израелската армија врз Палестинците, кои чекале хуманитарна помош во предградие на Газа, двете страни соопштија дијаметрално различни бројки на загинати и повредени луѓе. Израел тврди дека Палестинците загинале во стампедо и прегазени од камионите, додека Палестинците тврдат дека додека чекале помош израелските војници отвориле оган врз нив. Според Министерството за здравство во Појасот Газа загинале 112 луѓе, а 760 се повредени, додека израелската армија тврди дека убила помалку од десет луѓе.

Претходно, израелските медиуми објавија резултати од прелиминарната истрага на израелската армија, според кои во денешниот инцидент при транспортот на хуманитарна помош во Газа убиени се помалку од десет луѓе. Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека десетици Палестинци, кои трчале по последниот камион од хуманитарниот конвој, во еден момент почнале да се движат кон израелски воен контролен пункт.

- Офицерот стациониран во областа им нареди на војниците да испукаат предупредувачки истрели во воздух бидејќи Палестинците беа на оддалеченост од неколку десетици метри, како и да пукаат во нозете на оние кои продолжија да се движат кон војниците, се наведува во прелиминарниот извештај од истрагата.

Исто така се посочува дека по инцидентот некои од камионите продолжиле да се движат кон север, каде наводно вооружени лица отвориле оган врз конвојот и го ограбиле.

Поради големиот број на жртви во Газа, на барање на Алжир вечерва ќе се одржи итен состанок на Советот за безбедност на Обединети нации.

Претходно, генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш го осуди „инцидентот“ во северна Газа во кој „повеќе од сто луѓе наводно се убиени или повредени додека барале помош, која би им го спасила животот“.

- Очајните цивили во Газа имаат потреба од итна помош, вклучително и тие во опколениот север, каде ОН не се во можност да исоратат помош повеќе од една седмица, наведе Гутереш.

Додека шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа и побара од Израел да го заштити палестинското население.

- Трагичните умирања во Газа бараат итен прекин на огнот што би овозможило поголема химанитарна помош, ослободување на заложниците и заштита на цивилите, објави Тајани на Икс.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер изјави дека САД побарале од Израел одговори за што точно се случило во Газа, а исто така и побараа да се обезбеди сигурна достава на помошта.

Во меѓувреме, потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итна помош Мартин Грифитс изјави дека е „ужаснат“ од извештаите дека денеска загинале и се повредени стотици луѓе при транспорт на помош во Газа.

- Дури и по речиси пет месеци брутални непријателства, Газа сè уште има способност да не шокира, наведе Грифитс, додавајќи оти бројот на загинати луѓе во Појасот Газа од 7 октомври надмина 30.000.

И Палестинското претседателство го осуди „грдиот масакр“. Канцеларијата на претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас го осуди „грдиот масакр извршен од израелската окупаторска армија“. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан