• сабота, 23 ноември 2024

Се очекува да продолжи комисиската расправа за утврдување листа на кандидати за член на ДИК

Се очекува да продолжи комисиската расправа за утврдување листа на кандидати за член на ДИК

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) –  Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања се очекува  да ја продолжи расправата за утврдување листа на кандидати за член на ДИК, што почна претпладнево. 

Седницата беше прекината откако претходно претседателката на Комисијата Марија Георгиевска рече дека кандидатот на опозицискиот Европски сојуз за промени - Абдуш Демири не ги исполнува потребните критериуми, затоа што е генерален секретар на партија, на што бурно реагираше пратеникот Фадил Зендели велејќи дека тоа не е точно.

Зендели посочи дека со документите при пријавата на јавниот оглас била доставена и нотарска изјава која потврдува дека лицето не е носител на функција генерален секретар на партија, по што координаторот на ВМРО-ДПМНЕ побара еден час пауза со цел до претседателката да се достави нотарска изјава со која ќе се докаже дека кандидатот имал дадено отказ од функцијата.

Фадил Зендели во изјава за медиумите по објавената пауза оцени дека целта на власта е манипулација со изборниот процес.

-Демири дава нотарски заверена изјава дека не е член на која било политичка партија,  на орган на политичка партија. Ова го има претседателката на Комисијата, ова е согласно условите кои треба кандидатот да ги исполнува. Како може после ова да излегуваат во јавноста и да кажуваат дека е член на политичка партија, ова е скандалозно, изјави Зендели.

Додаде дека нотарската изјава на Демири дека не е член на политичка партија била доставена со сите останати документи и дека во случај ако документацијата му била нецелосна ќе бил информиран од Архивата.

-Законска обврска е кандидатите да бидат известени доколку има нецелосни документи и дали има некој документ што не достасува, но не се работи за тоа. Оваа нотарска изјава ја имале од моментот на апликацијата, зошто во спротивно Демири би правел нотарска изјава, ја направил затоа што е законска обврска, појасни Зендели.

За член на Државната изборна комисија пријавени се и кандидатите Беат Даути, Роберт Трајковски и Зулфи Адили.свс/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан