• вторник, 24 декември 2024

Се издава книга за рокерот-поет Лу Рид и неговата можеби најголема љубов - таи-чи

Се издава книга за рокерот-поет Лу Рид и неговата можеби најголема љубов - таи-чи

Њујорк, 15 март 2023 (МИА) - Лу Рид, познат американски поет, но и еден од пионерите на рок и панк-музиката во 50-тите, во 2009 година почнал да пишува книга за источната боречко-уметничка вештина таи-чи, што беше битен дел неговиот живот. Но, трудот остана недовршен бидејќи во 2013. предводник на составот „Велвет андерграунд“ почина на 71-годишна возраст од компликации при трансплантација на црн дроб.

Оваа недела, десетлетие по неговата смрт, излегува книга со досега необјавени текстови. „Уметноста на правата линија“ (The Art of the Straight Line) ги содржи и размислувањата на Рид за вежбањето таи-чи во текот на 30 години. Древната кинеска уметност, што се опишува и како „медитација во движење“, помага и во намалување на внатрешниот стрес и анксиозност. Таа вклучува и разговори со негови колеги уметници, пријатели и други љубители на таи-чи.

- Тој го започна тоа, а ние сакавме да го завршиме. Тој беше толку посветен на оваа вештина што и го испушти поледниот здив изведувајќи го познатото тај-чи движење „21“, движејќи ги само рацете, изјави Лори Андерсон, композитор и долгогодишна партнерка на Рид.

Според пишувањата, тој не сакал „да звучи претерано поетично“, но ја сакал оваа боречка уметност „повеќе од златна плоча или славата“. Рид негувал долга дружба со таи-чи мајсторот Рен Гуанг Ји, со кого вежбал со часови кога немал обврски околу музиката.

„Таи-чи ве става во допир со невидливата моќ на универзумот. Тогаш вашата енергија се менува, а истото се менува и во вашето размислување“, пишува Рид.

Тој почнал да ја проучува оваа источна уметност во 80-тите години, кога сè уште многу конзумирал наркотични дроги. Овој уметник стои зад познатите класици „Walk on the Wild Side“, „Sweet Jane“, како и песната „Heroin“ - мрачен приказ на личните искуства во употребата на опојни средства.  си/сд/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан