• среда, 15 април 2026

Сесија на Националната конвенција за ЕУ во земјава од поглавјето за земјоделство: Институциите не соработуваат доволно во процесот на иновирање

Сесија на Националната конвенција за ЕУ во земјава од поглавјето за земјоделство: Институциите не соработуваат доволно во процесот на иновирање

Скопје, 5 март 2024 (МИА) – Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија ја одржа 11. сесија на тема „Трансфер на знаење и иновации: Систем на знаење и иновации во земјоделството“ од поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој.

Професорката на Земјоделскиот факултет Ана Симоновска вели дека се работи за систем од различни чинители кои меѓусебно се поврзуваат и соработуваат со една цел, пренос на знаење и иновации во земјоделскиот сектор.

Посочи дека системот на знаење и иновации во земјоделството е пракса во Европската унија уште од 2014 година, додека земјава сега почнува со негова имплементација.

– Системот на знаење и иновации во земјоделството не е нов концепт, значи одамна веќе почнува да се развива во Европската унија, затоа што како практика е влезена во 2014 година. Кај нас веќе почнуваме со работа со имплементирање на еден ваков систем којшто е во суштина систем од различни чинители учесници кои меѓусебно се поврзуваат и соработуваат со една цел, пренос на знаење и иновации во земјоделскиот сектор, рече Симоновска.

Вели дека се направени различни истражувања и студии на случаи за да се види дали и каде одговара овој систем, односно колку се вклучени сите чинители кои треба да бидат дел во преносот на знаење и иновации.

– Веќе детектираме некои слабости, бидејќи не соработуваат доволно институциите и луѓето во самиот процес на иновирање. Многу малку е застапена академијата, многу малку е оној другиот пренос на знаење од страна на теренската практика, така што доколку се спојат тие две знаења и тие две умешности и доколку заедно работат и иновираат, тогаш ќе има успех, посочи Симоновска.

Земјоделските производители малку се запознаени со овој концепт, вели Симоновска, како и со потребата да примаат знаење и соработуваат со останатите учесници, и затоа вели, се работи на проект за тоа на кој начин ќе може да соработуваат и какви видови на неформални структури може да постојат за да може заедно да соработуваат со сите различни учесници.

– Постојат многу такви форми кои во европските земји се застапени, тоа се живи лаборатории, демонстрациски фарми и други видови на соработка каде што можат да се поттикнат иновациите. Во целиот овој процес советодавните служби имаат централно значење, бидејќи тие се оние кои што треба да ги поврзуваат чинителите. Денешната улога на советодавниот систем не е само да се решаваат проблеми на терен, туку исто така да ги мотивираат да соработуваат со други учесници, односно со другите делови од овој АКИС систем, тие во денешно време се викаат брокери на иновации, односно треба да ги поврзуваат. Во вакви системи каде што имаме фрагментиран систем на знаење и иновации тие имаат клучна улога, значи да ги поврзуваат учесниците за да можат да соработуваат понатаму, истакна Симоновска. ра/бак/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан