• понеделник, 23 декември 2024

Сер Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, во дводневна посета на Скопје

Сер Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, во дводневна посета на Скопје
Скопје, 31 јануари 2022 (МИА) - Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, денеска ќе пристигне во  дводневна посета на Република Северна Македонија. Како што соопшти владината прес-служба, за време на оваа прва официјална посетата на земјава во својство на специјален претставник, сер Стјуарт Пич ќе биде примен од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а ќе има одвоени средби и со министерот за надворешни работи Бујар Османи и со министерката за одбрана Славјанка Петровска. Поранешниот шеф на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство Стјуарт Пич, сега како специјален претставник на премиерот Борис Џонсон, во нашата земја ќе биде примен и од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Во рамките на својата посета на нашата земја, се посочува, специјалниот претставник Пич со своите соговорници ќе разговара за понатамошниот развој на силните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и за силната посветеност на Обединетот Кралство на евроатлантската интеграција на Западен Балкан. За време на неговиот работен престој во Скопје специјалниот претставник сер Стјуарт ќе се сретне и со претставници на опозицијата и на дел од младинските организации во земјата. Како што информира Британската амбасада во Скопје, сер Стјуарт Пич има долгогодишно искуство во регионот, како поранешен началник на Генералштабот на Обединетото Кралство и претседател на Воениот комитет на НАТО, како и од периодот кога служел како Командант на воздухопловните сили на КФОР (НАТО) во Косово. За специјален претставник на премиерот за Западен Балкан беше назначен во декември 2021 година, а ова е негова прва официјална посета на Северна Македонија во оваа улога. Како специјален претставник на премиерот, сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и другите претставници од регионот и сојузниците од САД и Европа во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучи промовирање на силни демократски институции и отворени општества, преку поддршка во справувањето со сериозниот и организиран криминал и другите заеднички безбедносни предизвици. - Ова е дел од мисијата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство за создавање глобална мрежа на слобода заснована на подлабоки економски, технолошки, безбедносни и развојни врски. Како слободољубиви демократии, Обединетото Кралство ќе им помогне на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан да го одбранат и унапредат мирот, стабилноста и просперитетот во регионот, стои во соопштението. Од Северна Македонија, специјалниот претставник сер Стјуарт заминува во посета на Бугарија, како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот на Западен Балкан, наведуваат од Амбасадата. вг/

Остани поврзан