• недела, 22 декември 2024

Сепса - со навремена детекција до спасување животи и намалени болнички трошоци

Сепса - со навремена детекција до спасување животи и намалени болнички трошоци

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) - Инциденцијата и смртноста од сепса на ниво на земјава е непозната, затоа што нема мултицентрична студија која би одговорила на ова прашање. Годишно на глобално ниво има 47-50 милиони случаи од кои најмалку 11 милиони завршуваат со смртен исход, така што еден од пет смртни случаи е асоциран со сепса. Сепсата е најчеста причина за смртен исход во болниците и најчеста причина за повторна хоспитализација. Сепсата претставува еден значаен предизвик на кој било здравствен систем и кој ги преминува географските граници и демографските разлики, а Светската здравствена организација ја има прогласено како глобален здравствен приоритет. Навремената детекција, покрај спасување животи, значи и намалени болнички трошоци.

Секој час каснење со лекување по детекција на сепсата се зголемува ризикот за смрт за 8-9 проценти

Според вонредниот професор доктор Крсто Гроздановски од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и Медицинскиот факултет во Скопје, сепсата е медицинска ургентност, секој час каснење со започнување на лекувањето по детекција на сепсата се зголемува ризикот за смрт за 8-9 проценти.

- Смртноста на нашата клиника во период од 2010 до 2019 година е 36,1 проценти кај пациентите со сепса, 62,5 отсто кај септичен шок. Смртноста од сепса во периодот од 2004 до 2009 година била 46,3 отсто, а од септичниот шок 68 проценти. Кај развиените земји смртноста од сепсата и септичниот шок е пониска, а земјите со среден приход имаат слична статистика како нашата. Морам да нагласам дека стапката на смртност во некои студии е предмет на извесна манипулација со начинот на регрутирање на болните кои влегуваат во студиите, интерпретирање на степенот на нарушеност за органите што резултира со наод на понизок морталитет. Една студија рапортираше морталитет од септичен шок од 22 отсто, што е далеку од реалноста, вели Гроздановски за МИА.

На мултидисциплинарниот симпозиум посветен на сепсата што се одржа на 23 јануари во организација на Здружението на инфектолози и „Биомедика дијагностика“, на кој учествуваа предавачи од земјава и странство, а на кој присуствуваше и МИА, Гроздановски појасни дека сепсата е состојба кога телото на пациентот предизвикува силен воспалителен одговор кон инфекцијата и ги оштетува сопствените ткива и органи.

- Како пример, кај некои пациенти со пневмонија, што е локална инфекција на белите дробови, по недоволно јасен механизам, се појавува голема концентрација на про-инфламаторни медијатори - цитокини, протеини на актуната фаза и други молекули, кои навлегуваат во циркулацијата и ги оштетуваат органите како бубрези, системот за коагулација, црниот дроб, мозокот, ниту еден орган или органски систем не е поштеден. Еден дел од болните со сепса имаат низок крвен притисок и ризик да навлезат во септичен шок каде смртноста е уште повисока. Сепса може да предизвикаат бактерии, вируси, габички и паразити. Во јавноста, често неточно се дефинира сепсата како труење на крвта, инфекција на целиот организам, присуство на бактерии во крв, појаснува Гроздановски.

Познати ризик фактори се напредната возраст - на 65 години или постари, имуносупресија, дијабетес, дебелина, малигна болест, пневмонија, бактериемија, како и влијание на генетските фактори.

- Сепсата е клиничка дијагноза, за нејзино препознавање најчесто е доволен клиничкиот преглед и свесност на лекарите за клиничките знаци и симптоми на сепса. Лекувањето е комплексно и обично се одвива во единиците за интензивна нега кои на жалост во нашата средина се недоволни по број, опременост и инвестиции. Од аспект на детекција на патогените како причинители на сепса, сакам да напоменам дека во лабораторијата на нашата клиника веќе има имплементирано инструменти на кои се изведуваат тестови кои овозможуваат рано дијагностицирање на сепсата, вели Гроздановски.

Годишната цена на лекување на пациентите со сепса во САД, посочува Гроздановски, е 38 милијарди долари, а за нашата средина нема податоци.

- Смртноста може да се намали преку наголемување на свесноста на лекарите за сепсата, запознавање со упатствата за дијагноза и лекување, соодветна нега и превенција од интрахоспитални инфекции, адекватна опременост на оддeлите за интензивно лекување и доволен број на медицински персонал кој се грижи за оваа група на критично болни. За намалување на смртноста влијае и раната етиолошка дијагноза со модерниот пристап на молекуларна дијагностика, вели тој.

Речиси 20 отсто од сите глобални смртни случаи се поврзани со сепса

Научниот соработник, доктор Марија Димзова, претседател на Здружението на инфектолози на Република Северна Македонија, зборувајќи за сепсата, вели дека нејзиното значење лежи во потенцијалот за брза прогресија на една, таканаречена рутинска инфекција, во животно-загрозувачка ургентна состојба и воедно претставува огромен товар, дури и за најбогатите здравствени системи.

- Се смета дека во 2017 година имало прбилижно 49 милиони случаи на сепса, и околу 11 милиони смртни случаи асоцирани со сепса. Како резултат на ова, Светската здравствена организација ја има прогласено сепсата како глобален здравствен приоритет. И покрај значајниот напредок во терапевтското менаџирање, пацинетите со сепса имаат висок ризик од смртност во болнички услови, допринесувајќи со приближно 20 отсто од сите смртни случаи на глобално ниво и претставува една од водечките причини за смртност на одделите за ургентна медицина. Поради сето ова е неопходен фокусиран и заеднички пристап во рамките на нејзино дијагностицирање, лекување, креирање на протоколи како и алокација на ресурси. Растечката преваленца на сепсата ја потенцира потребата од континуирано унапредување на медицинските пртоколи, брзи механизми на одговор и инеграција на најновите технологии, со цел подобрување на дијаностиката и исходот од лекувањето. Лекувањето на пациентите со сепса честопати бара мултидисциплинарни интервенции, вели Димзова.

Според заменик министерката за здравство во оставка, доктор Маја Манолева, прво треба да се има предвид, оти станува збор за сериозна состојба, што се јавува кога имунолошкиот систем на телото има екстремен одговор на инфекцијата.

- За важноста на оваа тема покажува и статистиката на СЗО, според која е проценето дека речиси 20 отсто од сите глобални смртни случаи се поврзани со сепса. Токму затоа, Министерството за здравство посветува посебно внимание на раната детекција и соодветниот третман на пациентите, како и за превенција од интрахоспитални инфекции. Нашата држава ги следи светските трендови и дел од новитетите во оваа област веќе ја најдоа својата примена во дел од јавните здравствени установи. Така на пример: инструмент за PSP маркер веќе е инсталиран на Клиниката за инфективни болести и Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. Инструмент за детекција на инвазивна фунгална инфекција преку бета глукан тест е инсталиран на Инфективната клиника и Институтот за микробиологија и паразитологија во Скопје. Исто така, на Инфективната клиника се применува и инструмент за брза детекција на причинители на сепса од полна крв за три до пет часа и имунохроматографски тест за детекција на инвазивни аспергилози, нагласува Манолева.

За тоа дека е важна раната и брза дијагноза на инвазивните габични инфекции, говореше и вишиот научен соработник, доктор Гордана Мирчевска од Институтот за микробиологија и паразитологија и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Таа се осврна и на тоа, на кој начин оваа институција придонесува во раното откривање на овие инфекции кај пациентите, за позитивните искуства од имплементација на Т2 платформата во клиничката пракса, за тоа дека најважните придобивки од оваа платформа, меѓу другото, ќе бидат, подобар клинички исход кај пациентите, намалување на трошоците за болнички престој, пократок престој во болница и намалување на можноста од интрахоспитални инфекции, редукција на стапката на морталитет, редукција на прекумерна употреба на антибиотици/антимикотици и заштеда на многу финасии во Фондот за здравствено осигурување.

- Благодарение на Фулбрајт стипендијата во 2015 година, која ми овозможи едногодишен престој на Џорџтаун универзитетот, во Вашингтон, САД, имав можност да се запознаам со Т2 платформата и по моето враќање во Македонија, да укажам на бенефитот од имплементација на оваа платформа за нашите пациенти. Горда сум дека бев промотор на Т2 платформата во мојата институција и благодарение на напорите на „Биомедика дијагностика“, да ја донесе оваа платформа во Македонија, во соработка со Институтот за микробиологија и паразитологија, верувам дека ќе отпочнеме со работа со Т2 платформата веќе во наредниот месец, со оглед дека апаратот е веќе инсталиран и последните подготовки се во тек, велие Мирчевска за МИА.

Излагање на симпозиумот имаа и доктор Горан Рангелов и доктор Никола Шиков.

За справувањето со сепсата во нивните земји, на симпозиумот, меѓу другите, зборуваа и Снежана Јовановиќ од Србија и Мерел Брук - Кихбаух од Холандија.

Снежана Јовановиќ, специјалист по микробиологија со паразитологија-раководител на Службата за медицинска микробиологија во УКЦС во Република Србија во изјава за МИА  нагласи дека од сепса може да заболи било кој, без разлика на пол и возраст. Според неа, многу е важно што побрзо да се дијагностицира и затоа во таа смисла секогаш се вели оти, значајна е секоја секунда.

На прашањето зошто T2Biosystems тестот е толку вреден за пациентите од сепса, Мерел Брук - Кихбаух одговори дека T2Biosystems производите ги детектираат патогените причинители на сепса директно од епрувета со крв за само неколку часа независно од постоечките методи. Тие ги идентификуваат патогените кои не би се идентификувале со постоечките методи дури и во случај кога антимикробните средства се во системот на пациентот. Бидејќи сензитивноста/специфичноста на овие тестови е многу висока, клиничарот врз основа на добиените резултати може да ја промени терапијата и да ја оптимизира клиничката нега.

Времето е еден од најважните фактори, кога станува збор за откривање и лекување на сепса, вели Елизабета Маркоска, доктор на биолошки науки, вработена во „Биомедика дијагностика “, како дел од австриската компанија „Biomedica Medizinprodukte“.

- Нашето богато портфолио нуди голем број на производи кои наоѓаат широка примена во здравствениот систем. Дел од тие производи кои се вклучени во нашиот „концепт за менаџирање на сепса за еден ден“, овозможуваат рана детекција на причинителите на сепса, што од своја страна им овозможува на клиничарите да ја дадат соодветната терапија на болниот, да се спасат човечки животи и да се намалат болничките трошоци, вели Маркоска.

На концептот за менаџирање на сепса за еден ден работиме повеќе од две години, вели магистер Вида Пеева Наумовска, директорка на „Биомедика дијагностика “.

- Земајќи во обѕир дека времето е клучен фактор во справување со сепсата како смртоносна состојба во голем процент на случаеви, понудените дијагностички решенија даваат можност состојбата да се препознае многу порано од клиничката манифестација и соодветно да се третира. Најголемиот дел од производите вклучени во овој концепт веќе ги имаме инсталирано во јавните и приватните здравствени установи. Симпозиумот беше идеална прилика, докторската фела и јавноста да се информираат за тоа што се е достапно на пациентите во Македонија. Се надевам дека преку ваквите наши активности помагаме во напорите за спасување на што повеќе човечки животи, нагласува таа.

Автор: Блаже Дарудов

Фото: Аслан Вишко

Остани поврзан