Сенаторот од Флорида Марко Рубио номиниран за нов државен секретар на САД
- Рубио на мрежата Х напиша дека „голема е одговорноста да се води Стејт департментот и дека е почестен од довербата што му ја дал претседателот Трамп“.
Вашингтон, 14 ноември 2024 (МИА) - Републиканскиот сенатор од Флорида Марко Рубио е номиниран за нов државен секретар на САД, објави новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
„Чест ми е да објавам дека го номинирам сенаторот Марко Рубио за државен секретар на САД. Марко е многу почитуван лидер и силен поборник за слободата. Тој ќе биде добар претставник на нашата земја, вистински пријател на нашите сојузници и внимателен воин кој никогаш нема да отстапи од нашите непријатели“, наведе Трамп во изјавата.
Рубио на мрежата Х напиша дека „голема е одговорноста да се води Стејт департментот и дека е почестен од довербата што му ја дал претседателот Трамп“.
„Ќе работам секој ден на спроведување на неговата надворешнополитичка агенда. Под водство на претседателот Трамп, ќе донесеме мир преку сила и секогаш ќе ги ставаме интересите на Америка на прво место“, напиша републиканскиот сенатор. зш/