• петок, 05 декември 2025

Секојдневна „страсна“ потреба за социјална правда

Секојдневна „страсна“ потреба за социјална правда

Скопје, 20 февруари 2022 (МИА) - Своевремено Алберт Ајнштајн рекол: Имам страсна потреба за социјална правда, одговорност. Ние би парафразирале: вечна е потребата  за социјална правда.

Ако на Меѓународниот ден - 20 февруари, сакаме да го дефинираме изразот социјална правда, нема да згрешиме ако најкратко речеме - добар, праведен и исполнет живот за секого, без исклучок.

Секојдневното искуство нѐ учи: тешко се стигнува до социјалната правда. Доволно е да се погледне низ прозорецот,  да се прошета низ улиците. И покрај „децата питачи“, и покрај контејнерите, и крај редиците пред Центрите за социјални работи, бироата за вработување... Ама,  најбитното од сѐ е: Што прави општеството за да се стигне до социјалната правда?

Кога ќе се спомене социјалната правда, прв поим е сиромаштијата. Податоците покажуваат дека речиси една четртина од македонските жители живеат во сиромаштија.  Статистиката прецизира - 455 600 лица живеат во тешки услови.

Кога Министерството за труд и социјална политика во 2019 година предложи да се донесат законите од социјалната и детската заштита,  ја најави социјалната реформа за „ да се извлечат 400 000 граѓани над линијата на сиромаштија“. А детската сиромаштија е близу 30 проценти. Секое трето дете живеее во сиромаштија.

Невладините организации повикуваат на заедничко дејствување. Марина Тошеска од невладината „Лаг Агро Лидер“ посочува дека пандемијата дополнително го продлабочи јазот на нееднаквоста. Повеќе е изразена во руралните средини.

- Пандемијата дополнително го продлабочи јазот на нееднаквоста, на нерамноправноста, се зголеми бројката на невработеноста, порасна бројката на сиромаштијата. Околу 455 000 луѓе живеат во сиромаштија, секое четврто дете живее во сиромаштија, расте стапката на невработеност, огромен е јазот помеѓу родовата нееднаквост, особено во споредба на урбаните со руралните средини. Пандемијата со КОВИД-19 дополнително ги продлабочи овие проблеми. „Лаг Агро Лидер“ минатата година спроведе истражување на 400 семејства од руралните средини. Фокусот беше за правата на жените земјоделки. Но, истражувањето ни покажа дека во некои рурални средини, луѓето се соочуваат со неможноста да пристапат до социјалните права: здравство, пристап до социјални услуги, пристап до вода за пиење. Имаме населено место на 20 километри од Прилеп каде 80 деца немаат пристап до чиста вода за пиење. Имаме многу проблеми, меѓутоа верувам дека со заеднички сили може да креираме политики кои ќе одговорат на потребите на граѓаните, вели Тошеска.

Што покажуваат европските закони и иницијативи за достигнувањето социјална правда?

Харалд Фугер, аташе на австриското Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи кој, он-лајн, деновиве учествуваше на трибина што невладината „Лаг Агро Лидер“ ја организираше во Прилеп, дава одговор. Се согласува дека пандемијата ги зголеми проблемите.

-Европскиот столб за социјални права (ЕССП-EPSR), воведен неодамна, е збир од 20 принципи и права за зајакнување на социјалната димензија на ЕУ, додека истовремено ќе го подигаат и квалитетот на условите за работа и живот кај земјите – членки. Европскиот столб ги охрабрува државите – членки да ги ажурираат своите социјални стандарди и закони за вработување за да ја одразат новата реалност на работа и секојдневен живот. (ЕССП-EPSR) содржи три поглавја со целни вредности за 20 полиња, а поглавјата се: Еднакви можности и пристап до пазарот на трудот (како родова еднаквост и еднакви можности или активна поддршка за вработување), Правични работни услови (како рамнотежа помеѓу работата и животот, здрава, безбедна и добро приспособена работна средина) и,  Социјална заштита и инклузија (како што се вклученост и пристапни услуги за ранливите групи), вели, меѓу другото аташето Харалд Фугер и потенцира дека невладиниот и граѓанскиот сектор со иницијативи може многу да помогне за воспоставувањето на социјалната правда.

Марина Тошеска од „Лаг Агро Лидер“ споменува податоци од соседна Србија. Таму сега стапил на сила Законот за социјално претприемништво.

- Претставник на Мрежата на Локални акциони групи на Србија ги презентираше предизвиците со кои се соочуваат граѓаните во Република Србија, како и  националните политики фокусирани на одржлив економски развој преку еднакви можности и социјална инклузија. Овој месец, февруари, во Република Србија стапи на сила Законот за социјално претприемништво, а нашата држава веќе  пет години е во процес на креирање законска рамка за социјалното претприемништво како неопходност, вели Тошеска.

Дејан Тошески, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, кој е надлежен за  општините Долнени и во Кривогаштани, вели дека Владата донесе сет мерки, оние од 2019 година, како социјална реформа. Најактуелни се активациските планови за вработување на работоспособен член од социјално семејство.

-Од 2019 година видливи се промените во сферата на социјалната заштита. Воведени се крупни реформи, се надеваме дека во иднина реформите ќе продолжат да се спроведуваат и, во соработка со локалните самоуправи на овие три општини, ќе започнеме да ги воведуваме услугите од социјалната заштита, предвидени во самата социјална реформа со партнери од невладиниот сектор. Со групата закони кои се донесоа: новиот Закон за социјална заштита, измените во Законот за детска заштита и законот за социјална сигурност за старите лица, се воведе пакет мерки со кои се зголеми сумата која ја примаат домаќинствата како социјален трансфер. За првпат, од околу 3 500 деца, сега детски додаток користат околу 70 000 деца на ниво на држава, образовен додаток ако користеле 3 600 деца, сега користат преку 64 000 деца. Значително се воведоа трансферите од областа на социјалната заштита, гарантираната минимална помош. Ако едно домаќинство користело 2-3 000 денари, сега користи 6-7000 денари и повеќе и, како еден од значајните делови е изработката на активационите планови: Центрите за социјална работа, со агенциите за вработување прават проценка кој е највработливиот член од домаќинството кое користи гарантирана минимална помош, и за него се изготвува активационен план и прават напори да го вработат, да го вклучат во реалната економија. На овој начин да го прекинеме генерацискиото користење социјална помош и да ги вратиме луѓето во еден достоинствен живот, објаснува Тошески.

Неопходни суштински социјални реформи. Не е само сиромаштијата во прашање, туку како да не се генерираат нови случаи, вели Марина Тошеска од „Лаг Агро Лидер“.

- Најдобро е да се поведат суштински социјални реформи преку кохерентни социјални политики кои ќе ги таргетираат вистинските потреби на различни групи граѓани. Не е целта да се насочиме само кон сиромашните. Треба да се креираат мерки што ќе спречат дополнително некој да падне во сиромаштија. Дополнително подобрување на квалитетот на образованието, подобрување на пристапот до ресурси, особено за жителите во руралните средини, зголемување на вработеноста, давање повеќе можности за младите. Сето што треба да се направи за сите да имаме достоинствен живот. И не само да ги споменуваме Владата и локалните јавни институции, туку сите заедно, со граѓанскиот, приватниот и со јавниот сектор, да работиме за да се промовира концепт на социјална правда за достоинствен живот и подобро општество за сите нас, смета Марина Тошеска.

И ако пак потсетиме дека вечен е стремежот за социјална правда, а со тоа е вечна и битката, можеби е надобро да се рече: мора да се дејствува уште овој час. И не е битно што еднаш годишно е Меѓународен ден на социјалната правда. Животот е и во останатите 364 дена.

Елизабета Митреска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан