• недела, 09 февруари 2025

Секое второ семејство во Берово селективно одложува отпад преку Вендинг машини

Секое второ семејство во Берово селективно одложува отпад преку Вендинг машини

Берово, 9 февруари 2024 (МИА) - Берово е лидер во рециклирањето меѓу општините и е општина каде секое второ семејство селективно одложува отпад преку Вендинг машини. Според податоците обезбедени од Пакомак преку нивната мрежа на повратни вендинг машини, Општина Берово котира највисоко меѓу општините според процентот на граѓани кои ја инсталирале апликацијата ЕкоМак, преку која се користат придобивките од машините и се добиваат наградни поени. 

-Заклучно со крајот на минатата година, повеќе од половина од населението во Берово активно ја употребувале апликацијата ЕкоМак и го одложувале отпадот во повратните вендинг машини преку кои биле собрани 425.000 парчиња шишиња и лименки. Што ни кажува највисок просек во земјава, и највисока еко свест за селектирање и одложување на отпадот, и грижа отпадот да заврши на вистинското место, се вели во информацијата на Пакомак.

Ова според нив покажува дека Беровчани вистински го сакаат местото каде што живеат, а дека еколошката свест во Општина Берово како што додаваат од Пакомак е на многу високо ниво зборуваат и податоците за селектирање и рециклирање на отпад, кои покажуваат дека Берово е постојано помеѓу трите најзелени општини во земјата, велат од Пакомак.

Овие податоци сами по себе го наметнуваат прашањето како им успева тоа на Беровчани, а од Пакомак се децидни дека понекогаш љубовта кон местото кое се нарекува „дом“ е доволна да не’ натера да се грижиме не само за физичкиот објект во кој живееме, туку и за животната средина и целата заедница која го опкружува.

Дел од кажаното го потврдија и граѓаните на Берово. Мамут Демировски е еден од оние кои секогаш кога можат користат праксата за одложување на отпадот во повратните  вендинг машини.

-Тоа е добра работа која мислам дека добро функционира во Берово. Секогаш кога одам во маркет гледам дека и други граѓани редовно одложуваат пластика во овие вендинг машини. Добро е во секој случај, можеби нема многу да влијае на подобрување на буџетот, но барем на тој начин се чисти отпадот од дома, вели Демировски.

Димитар Козарски од Русиново вели е запознаен со оваа пракса, но досега поради оддалеченоста од Берово немал можност да ги користи бенефитите кои ги нудат субјектите за одложувањето отпад преку вендинг машините поставени на повеќе места во Берово.

Во сите останати случаи, од Пакомак додаваат дека работата може да се „поттурне“ со мала мотивација. Ваквиот метод според нив се покажал како доста успешен во Берово, каде што градоначалникот и граѓаните работат рака под рака за да ја направат Општината нивна гордост.

Доказ за позитивната еколошка работа која се случува во овој град се и признанијата за НајЕко општина во земјата од страна на Пакомак и Балкан Еко институт – награда која Општина Берово ја доби веќе неколкупати, поставувајќи исклучително завидни годишни резултати. 

За нивните навистина одлични резултати, Пакомак ги награди со збогатување на инфраструктурата и донација на детски игралишта – што е потврда дека некој го забележува нивниот труд.

Граѓаните на Берово ја имаат можноста и да го одложуваат амбалажниот отпад во две повратни вендинг машини поставени од Пакомак, а нивниот градоначалник Звонко Пекевски за да ги мотивира да го прават тоа постојано, за нив обезбеди дополнителна вредност од системот на награди и тие добиваат повеќе поени за отпадот кој ќе го одложат.

-Првата Повратна Вендинг Машина, во Општина Берово е поставена во  месец септември 2023 година. Уште во првиот период имаше голем интерес од граѓаните, негде февруари 2024 година вкупната собрана рециклирана амбалажа изнесуваше 91.070 парчиња или 2926 кг , за кој биле доделени 178.975 зелени поени, од кои искористени се 71.982, а неискористени се 107.793 зелени поени. Ваквите иницијативи создадоа услови за подигање на и онака високата еколошка свест во овој релативно мал град, чија заедница навистина може да биде горда од она што го постигнува, истакна Пекевски.

Берово отсекогаш важело за еколошки свесна општина. Со своите пространи шуми, изобилство на зеленило и повеќе водни површини, таа претставува вистински природен рај во Источна Македонија. А нејзините граѓани покажуваат дека знаат да го ценаат она кое го добиле од природата. вс/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан