• петок, 22 ноември 2024

Сежурне за „Монд“: Треба да се бараат објаснувања од израелските власти за ситуациите во Газа кои не можат да се оправдаат

Сежурне за „Монд“: Треба да се бараат објаснувања од израелските власти за ситуациите во Газа кои не можат да се оправдаат

Париз, 2 март 2024 (МИА) – Шефот на француската дипломатија Стефан Сежурне во интервју за „Монд“ изјави дека Париз треба да бара објаснувања од израелските власти за ситуациите во Газа кои не можат да се оправдаат.

-Одговорноста за блокадата на помошта дефинитивно е на Израел, рече Сежурне, истакнувајќи дека катастрофалната хуманитарна ситуација создава и „ситуации кои не можат да се оправдаат и за кои Израелците мора да одговараат“.

Франција ги удвои своите напори со израелските власти за зголемување на премините за камиони што превезуваат хуманитарни пратки. Но, овие напори „не беа доволни и гладот стана дополнение на ужасот“, рече Сежурн, кој беше во посета на Газа пред еден месец.

Неговите зборови доаѓаат откако дистрибуцијата на хуманитарна помош во Газа пред два дена се претвори во трагедија, кога, според Хамас, во израелски оган и стампедо загинаа 115 лица.

Сежурне вчера повика на независна истрага за оваа трагедија, пто беше осудена од целиот свет.

Првиот човек на француската дипломатија во интервјуто за „Монд“ изјави и дека работите во Рафа се „во ќорсокак“, каде се собрани речиси милион и пол Палестинци. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека наскоро врз овој последен бастион на Хамас, ќе се спроведе копнена офанзива. Според Сежурне, тоа би била „нова хуманитарна катастрофа“.

-Правиме се за да го избегнеме тоа, додаде тој, потсетувајќи дека Франција со месеци повикува на траен прекин на огнот. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан