• петок, 05 декември 2025

Седум лица загинаа во ураганот Мелиса кој се приближува кон западниот брег на Јамајка

Седум лица загинаа во ураганот Мелиса кој се приближува кон западниот брег на Јамајка

Кингстон, 28 октомври 2025 (МИА) - Седум лица загинаа досега во ураганот Мелиса, кој е оценет како најсилниот тропски циклон на Земјата оваа година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Мелиса се приближува кон западниот брег на Јамајка. Три лица загинаа во Јамајка, три на Хаити и едно во Доминиканската Република, каде што уште едно лице е исчезнато.

Министерството за здравство на Јамајка соопшти дека се случиле некои несреќи за време на подготовките за бурата, вклучувајќи падови од покриви и електрични удари.

Јамајканскиот премиер Ендру Холмс ги предупреди жителите дека инфраструктурата на регионот не е способна да издржи бура од категорија 5.

Според официјалните бројки, 15 лица се повредени, главно во сообраќајни несреќи и додека се обидувале да ги обезбедат своите домови.

Националниот центар за урагани на САД издаде предупредување до Јамајканците додека Мелиса се приближува кон островот.

-Се очекуваат катастрофални поплави и повеќекратни лизгања на земјиштето во текот на денот, се вели во предупредувањето.

Исто така, се вели дека штетните ветрови би можеле да предизвикаат целосно уривање на зградите и обемна штета на инфраструктурата, како и долгорочни прекини на електричната енергија.

Мелиса моментално е ураган од категорија 5 со постојани ветрови од 175 милји на час и централен притисок од 903 милибари, според Националниот центар за урагани на САД.

Бурата се движи бавно кон запад со три милји на час и се очекува да ја погоди Јамајка денеска наутро. Метеоролозите предупредуваат дека силни ветрови, поплави и бранови од бура се неизбежни.

Без оглед на можните флуктуации во јачината на ветерот, експертите велат дека „влијанијата ќе бидат исти“ - катастрофални.

Откако ќе ја погоди Јамајка, Мелиса би можела да стигне до Куба вечерва како голем ураган, а потоа да продолжи кон југоисточните Бахами.

Ураганот Мелиса моментално има најсилни ветрови некогаш забележани во 2025 година, а локалните власти низ целиот регион ги предупредуваат жителите да се евакуираат од крајбрежните области и да останат во засолништа додека не помине бурата. мс/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан