• четврток, 10 октомври 2024

Седница на СБ на ОН поради хуманитарната криза во Појасот Газа

Седница на СБ на ОН поради хуманитарната криза во Појасот Газа

Њујорк, 10 октомври 2024 (МИА) – Советот за безбедност на Обединети нации вчера одржа седница по повод хуманитарната криза, една година по нападот на палестинската милитантна група Хамас врз Израел, по што почна војната во Појасот Газа.

Израелскиот амбасадор Дени Данон истакна дека помина една година од „масакрот“ на 7 октомври, најцрниот ден во историјата на Израел.

- Во текот на изминатата година Израел претрпе незамисливи болки. Семејствата сè уште тагуваат, не само за оние што ги загубија, туку и за оние кои останаа во рацете на Хамас, истакна Данон.

Тој додаде дека „иднината на Газа мора да биде иднина без Хамас“.

Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур посочи дека израелските „напади без преседан“ врз ОН, врз генералниот секретар Антонио Гутереш и врз Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) мора да се сфатат во контекст на неговите напади врз палестинскиот народ.

- Ако целта на Израел е да ја направи Газа непогодна за живеење, тогаш мора да го нападне столбот на хуманитарниот одговор во Газа – УНРВА, истакна Мансур.

Додека амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд потенцира дека и покрај големите дипломатски напори да се стави крај на војната, конфликтот во Газа продолжува да предизвикува огромно страдање на палестинските цивили во енклавата и да го дестабилизира регионот.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја изјави дека терористичките методи не можат да се оправдаат и дека насилството врз Израелците и Палестинците е неприфатливо.

- Газа стана најголемиот затвор на отворено во светот, што постојано е бомбардиран и блокиран за помош, наведе Небензја.

Додека кинескиот амбасадор во ОН, Фу Конг истакна оти конфликтот во Појасот Газа и ситуацијата на Блискиот Исток се приоритетни задачи на СБ, но дека ситуацијата не е подобрена, туку се влошува секој ден. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан